ИНТЕРВЈУ

ДАРКО ЛАЗАРОВ, претседател на Клуб на извозници при Стопанската комора на С.Македонија


Од пред неколку месеци сте назначен за претседател на Клубот на извозници при Стопанската комора на Р.С.Македонија. Кој е новиот концепт на Клубот на извозници и кои се активностите на кои ќе фокусира ова тело во следниот период?

Лазаров: Стопанската Комора на Македонија во своите идни правци на делување го стави извозот како едно од клучните прашање, а извозните компании како фокус кон кој ќе бидат насочени идните активности. Во таа насока e потребата од градење на еден нов модерен концепт базиран на методологија која треба да испорача вистински услуги и поддршка за компаниите во нивните напори за јакнење на конкурентските предности со цел подобро позиционирање на регионалните и глобалните пазари.

Самиот концепт на работа на Клубот на извозници е базиран на неколку сегменти.

Првиот сегмент се однесува на обезбедување стручна, аналитичка и професионална поддршка за извозно ориентираните компании во стекнување на поголема конкурентност. Еден дел од услугите кои се нудат во рамки на овој сегмент се насочени кон спроведување на пазарни анализи со цел идентификување на нови неискористени можности за извоз на странски пазари, изработка и имплементација на маркетинг стратегии за извоз кои вклучуваат анализи на постоечката конкуренција за одделни производи и пазари, анализи на најподобните маркетинг алатки за настап на конкретен пазар, анализи на најдобрите канали на дистрибуција и продажба, логистика и услови за испорака, анализа на правната рамка на меѓународниот бизнис и сл.

Другиот дел од услугите подразбираат обезбедување на стручна поддршка за пристапот до финансии и обезбедување на грантови од домашни и меѓународни извори со цел модернизација на технолошките и производни процеси на извозно ориентирани компании; техничка поддршка во имплементирање на меѓународни стандарди за квалитет и исполнување на технички и друг тип на барања при извоз на конкретни пазари; обезбедување на информации за царински стапки, нецарински и друг тип на регулаторни барања при извоз на конкретни пазари, како и други корисни информации со крајна цел олеснување на извозот за македонските компании.

Вториот сегмент на новиот концепт на Клубот на извозници е насочен кон поддршка и промоција на македонските извозни производи и извозни компании што ќе се овозможи преку организирање на инфо-сесии за промоција на извозни можности на конкретни таргетирани пазари, организирање на Б2Б форуми и настани за поврзување на македонски компании со потенцијални трговски партнери од претходно селектирани земји, како и друг тип на промоција и промотивни активности преку порталот на Клубот на извозници и други канали на Комората.

Дел од активностите дефинирани во програмата на Клубот на извозници во прва фаза ќе бидат имплементирани преку проектот што Стопанската Комора на Македонија ќе го спроведува во наредните три години во партнерство со УСАИД, проект кој се однесува на јакнење на конкурентноста на македонската економија со цел подобро интегрирање во регионалните и меѓународните ланци на снабдување.

Македонската економија и светот се соочуваат со можеби  најтешкиот период за водење бизнис по Втората светска војна. Војната во Украина предизвика нарушување и на онака влошените услови за водење бизнис од пандемијата на Ковид 19. Кои се најсериозните проблеми на кои алармираат и предупредуваат македонските извозници? Како да се помогне на извозниците да ја задржат својата конкурентност која е сериозно влошена?

Лазаров: Денес, најактуелно прашања во бизнис секторот е драстичното зголемување на цената на електричната енергија и ограничениот пристап до природен гас како значаен енергенс. Имено, голем дел од извозните сектори се енергетски интензивни што значи дека оваа енергетска криза во голема мера ќе го погоди извозниот сектор и македонските извозници. Само за илустрација, Еуроникел Индустри кој веќе го затвори својот производен капацитет поради енергетската криза, со вредност на извоз од 243 милиони евра како втор најголем извозник во Македонија има релативно учество од 3.5% во вкупниот извоз на земјата.

Ако ова го дополниме со фактот што извозните компании од индустријата за базични метали и металопреработувачката индустрија кои учествуваат со повеќе од 15% од вкупниот извоз на земјата (приближно 1 милијардна евра годишна вредност на извоз) се исто така сериозно погодени од енергетската криза со голем ризик да го прекинат своето производство, може да замислиме каква катастрофа може да ни се случи доколку државата и надлежните институции навремено и одлучно не реагираат со директна поддршка за овие извозни сектори. 

Се разбира, овде никако не смееме да ги заборавиме и помалите извозни компании од другите сектори кои се соочуваат со истите предизвици со оглед на фактот што цената на електричната енергија за бизнис секторот во Македонија е значително повисока од онаа во регионот, што само потврдува дека голем број на компании може да ја изгубат својата конкурентска предност и изградените позиции на регионалните и глобалните пазари.

Македонија како држава кога станува збор за извозот се чини дека нема фокус, ниту стратегија, како да се зголеми бројот на извозни фирми и производи. Се уште е присутна преголема концентрација во извозната структура која може да се покаже дека е многу опасна во време на криза. Каде според Вас државата има потенцијал за зголемување на извозот гледано преку индустрии или производи?

Лазаров: Македонија речиси никогаш немала вистинска стратегија за поддршка на извозот. Практично, моделот за поддршка на извозот преку привлекување на СДИ во ТИР зоните имаше првичен позитивен резултат, но тој модел со сите свои предности и слабости полека но сигурно ги има исцрпено во голема мера своите можности и потенцијали.

Но, она што беше голем недостаток во целиот изминат период е отуството на стратегија за поддршка на домашните извозно ориентирани компании. Таква стратегија за жал не постои ниту денес. Најголем дел од извозните компании се оставени сами на себе без никаква посериозна системска поддршка од државата.

Министерството за економија во овој период работи на нова стратегија за извозна промоција 2022-2027 која во наредниот период ќе биде промовирана, но сепак она што останува како голема дилема е колку во реалноста таа стратегија ќе биде имплементирана со оглед на искуствата од минатото кои укажуваат на ограничен институционален капацитет и политичка волја за имплементација на такви стратешки документи кои биле носени во делот на економијата.

Стопанската Комора на Македонија во 2019 година спроведе една детална квантитативна анализа за извозните перформанси на македонската економија преку која анализа детектиравме дека најголема слабост на македонскиот извоз е токму високата извозна концентрација од аспект на број на извозни компании, број на извозни производи и број на извозни пазари. Оваа констатација неодамна беше потврдена и во истражувањето спроведено од страна на Светска Банка за дијагностика на компетитивноста на македонскиот извоз.

Оваа слабост со која се соочува македонскиот извоз е особено изразена во услови на криза како што и вие сами забележавте, бидејќи мал удар на одреден извозен пазар или производ, нешто на што бевме сведоци во периодот на ковид пандемијата и на што сме сведоци денес, може да предизвика значителни негативни ефекти за целиот извоз и економијата во целина.

Од аспект на тоа кои се сектори со најголем извозен потенцијал можам само да најавам дека во моментот во рамки на проектот со УСАИД работиме на една сериозна студија која е базирана на современа методологија и релевантни податоци врз база на што ќе бидат мапирани конкретни производи и пазари кои имаат најголем потенцијал за нашата економија земајќи ја во предвид постоечката извозна структура и производни капацитети кои ги поседуваме, но истовремено земјаќи ја во предвид позиционираноста на земјата на регионалните и глобалните пазари, воспоставените билатералните и мултилатерални трговски и економски релации, предвидувањата за идната светска побарувачка и извозни цени за одделни производи и други елементи.

Резултатите од таа студија можат многу да помогнат во креирањето на идните политики за поддршка и промоција на македонскиот извоз, но во исто време ќе ни помогнат на нас како Комора во насочување на идните напори за искористување на мапираните можности на одделни извозни пазари и поддршка за промоција на стратешките извозни производи и компании кои имаат најголем капацитет да креираат поголема додадена извозна вредност.

Во време кога се преиспитува глобализацијата и синџирите на снабдување, каде Македонија може да ја најде својата шанса во идните геостратешки текови и процеси во светот?

Лазаров: Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата создаде сериозни потреси во меѓународната трговија и тековите на глобализацијата. Македонија како мала отворена економија која има незначително влијание во тие процеси не беше воопшто изолирана. Напротив, ефектите се чуствуваат и денес особено преку намалената светска побарувачка за автомобили и прекините во ланците на снабдување што директно влијае врз извозот на автомобилски компоненти од Македонија. Да потсетиме дека во изминаните 15 години со влезот на СДИ во ТИР зоните значително се зголеми релативното учество на автомобилската индустрија и компоненти за возила достигнувајќи речиси 50% во вкупниот извоз на земјата.

Сепак, Македонија треба да најде начин да ги искористи другите можности кои се појавуваат во пост-ковид периодот, насочувајќи ги особено своите напори кон извоз на производи со поголема домашна додадена вредност т.е. производи кои се базираат во поголем дел на користење на домашни ресурси како што е примарно земјоделие, прехранбена индустрија и некои други индустрии кои се базираат на паметни материјали. Истовремено, треба да работиме на јакење на капацитетите на извозот на услуги (особено на бизнис и ИТ услуги за кои има зголемена светска побарувачка) и промоција на туристичкиот сектор како извозен сектор со голем потенцијал.