Извозот на стоки од Македонија во првите три месеци од 2026 година достигна речиси 740 милиони евра, што претставува раст од 5,8% во споредба со истиот период лани. Количински, извозот во март бележи раст од 10,9%.
Во истиот месец биле увезени стоки во вредност од 906 милиони евра, што е намалување од 3,57% во однос на март 2025 година. Трговскиот дефицит март изнесувал 167 милиони евра, што е за повеќе од една третина помал во споредба со истиот месец лани. Благодарение на намалениот увоз и растот на извозот, покриеноста на увозот со извоз достигна високи 81,6%.
За периодот од јануари до март, вкупниот извоз на стоки од земјава достигна близу 2 милијарди евра, што е раст од 3,6% во споредба со истиот период лани. Увозот на стоки, пак, за истиот период изнесувал 2,8 милијарди евра и бележи раст од 0,47% во споредба со истиот период лани. Покриеноста на увозот со извозот во првите три месеци годинава изнесува 71,7%.
Кој го прави најголемиот извоз?
Најголем удел во извозот од земјава во март има групата Машини и транспортни уреди во вредност од 234 милиони евра, каде има намалување од 1,5% во споредба со истиот месец минатата година. Следува групата Хемиски производи, каде влегуваат катализаторите, со извоз во вредност од 203 милиони евра (+16,8%). Извозот на храна во март се зголемил за 12,9%, на 56,9 милиони евра. Извозот на зеленчук и овошје изнесувал само 19,9 милиони евра и бележи пад од 11,9%.
Извозот на железо и челик бележи пад од 5,8% во март и изнесувал 45, 4 милиони евра.
На страната на увозот најмногу се застапени: платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали и други моторни возила за превоз на лица.
Германија останува најголем извозен пазар, Полска со раст од над 90%
Најголем извозен пазар во март била Германија, каде биле извезени производи вредни 266 милиони евра, што е раст од 4,3% во споредба со истиот месец лани. Учеството на извозот во Германија постепено се намалува во изминатиов период, заради забавувањето на германската економија, па така во март изнесува 36% од вкупниот извоз на стоки од земјава.
Втор најголем извозен пазар во март била Бугарија со извоз вреден близу 50 милиони евра, раст од високи 28,7%.
Следуваат:
Србија – 42,2 милиони евра (+10%)
Косово – 36,7 милиони евра (+30%)
Унгарија – 32,7 милиони евра (-6,2%)
Полска – 25,6 милиони евра (+91,4%)
Италија – 23,7 милиони евра (+30,4%)
Чешка Република – 21,9 милиони евра (-18,4%)
Словачка – 20,3 милиони евра (+2,4%)
Грција – 20,2 милиони евра (-7,4%)
Во март, само на 19 пазари е реализиран извоз поголем од 10 милиони евра, а Германија останува единствениот пазар со месечен извоз над 100 милиони евра.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
По два месеци пад, индустриското производство со раст од 3% во март


























