Компанијата за производство на железо, челик и феролегури Либерти (поранешен Арчелор Митал ЦРМ), објави дека во првите три месеци годинава остварила приходи од продажба од 50,6 милиони евра, кои се поголеми за 60% во однос на приходите остварени во првите три месеци минатата 2021 година.
Раст бележат и приходите од продажба на странски пазари и продажбите на домашен пазар.
Околу 82% од вкупните приходи на Либерти се остварени од извоз, кој во овој период достигна вредност од 41,5 милиони евра, покажува финансискиот извештај на компанијата објавен на Македонската берза.
“Зголемениот приход се должи главно на поволната пазарна цена на глобално ниво на челикот која придонесе за раст на приходите”, објаснуваат од компанијата.
Оперативните расходи на компанијaта во првите три месеци годинава се зголемени за 61%, достигнувајќи 50,4 милиони евра.
“Најзначаен пораст има кај суровините, поради зголемување на цената на главниот репроматеријал, но и од останатите трошоци како транспортните трошоци (зголемена цена на гориво), трошоци за одржување, како и покачената минимална плата која има глобално влијание на трошочната структура”, пишува во писменото објаснување на остварените резултати на Либерти за првите три месеци годинава.
Податоците од извештајот покажуваат дека трошоците за суровини и материјали на компанијата се зголемени за 53%, додека трошоците за вработени за 54%.
Оперативната добивка на компанијата во првите три месеци изнесува 377 илјади евра, што е значително намалување во споредба со истиот период лани, кога Либерти работела со оперативна добивка од околу 2,5 милиони евра.
Нето финансискиот резултат за првите тр месеци е негативен, одосно компанијата остварила загуба од околу 200 илјади ера, што е значително влошување во споредба со нето добивката од 2,1 милион евра.
Компанијата Либерти или поранешен Арчелор Митал, од јули 2019 година стана дел од британската Liberty House Group (Либерти Хаус Груп), која минатата година изврши преземање на 5 индустриски капацитети од Арчелор Митал во Европа, со вкупна вредност од 740 милиони долари.
Liberty House Group (Либерти Хаус Груп) е меѓународна групација со седиште во Велика Британија, специјализирана за производство на челик и алуминиум, со важни трговски операции со суровини и рециклирање на метал. Либерти Хаус има свои капацитети во Велика Британија, САД и Австралија како и во многу други земји.