Европската комисија предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од 2%, а во 2024 од 3,1%.

Во пролетната економска прогноза на ЕК, во делот за Северна Македонија, се вели дека по делумното закрепнување од рецесијата предизвикана од пандемијата од Ковид-19, годишниот раст на БДП забави од 3,9% во 2021 година на 2,1 % во 2022 година. На економијата на земјата влијаеја намалената надворешната побарувачка, прекините во глобалните синџири на снабдување и растот на глобалните цени на храната и енергијата.

– Додека пензиите и платите реално се намалија, пораснаа дознаките и приватната потрошувачка. Домашната потрошувачка, иако помала отколку во 2022 година, останува клучниот двигател на растот, се вели во извештајот. Се предвидува растот на инвестициите да остане стабилен со дополнително зголемување на постојните.

Негативните надворешни влијанија се очекува да се намалат, согласно со зголемената странска побарувачка и понискиот раст на увозот, наведува ЕК.