„македонски камионџии – нови ЕУ правила 2025

Од октомври 2025, македонските камионски превозници ќе се соочат со нови административни бариери за влез во ЕУ, што може да предизвика економски последици и губење на договори, но и товар за македонските извозници.

Европската Унија воведува два нови дигитални системи — EES (Entry/Exit System) и ETIAS (European Travel Information and Authorization System) — кои ќе го трансформираат начинот на кој граѓаните од земји надвор од ЕУ влегуваат во Шенген-зоната. Иако целта е зголемена безбедност и контрола, македонските транспортни компании предупредуваат на сериозни последици за индустријата, но и за целата економија.

Од 12 октомври 2025, системот EES ќе започне со електронско следење на влезот и излезот од Шенген-зоната преку биометриски податоци (лице и отпечатоци). Од 2026, ETIAS ќе бара електронско патничко овластување за краткотраен престој, со такса од 20 евра. Ова овластување ќе важи три години или до истекот на пасошот.

Бизнис-заедницата предупредува дека новите протоколи ги ставаат транспортните оператори од Македонија во неповолна положба во однос на европските конкуренти. Шенгенските ограничувања го лимитираат периодот во кој професионален возач може да извршува билатерални транспортни услуги — максимум 90 дена во рамките на 180 дена. За македонските возачи, тоа значи помалку патувања, построги распореди и намалени можности за работа.

Транспортните компании алармираат за ризик од губење на меѓународни договори и зголемени трошоци за ангажирање македонски превозници.

Асоцијацијата Макам Транс предупредува дека новите мерки ќе го засилат недостатокот на возачи, ќе го намалат капацитетот на возила и ќе влијаат врз цените на производите во увоз и извоз — со можност за дополнителен инфлаторен притисок.

Асоцијацијата на превозници Макам Транс уште минатата година апелираше дека новите мерки ќе го засилат недостатокот на возачи, ќе го намалат капацитетот на возила и ќе влијаат врз цените на производите кои се превезуваат во увоз и извоз, што може да преедизвика дополнителе инфлаторен притисок.

Превозници од целиот Балкан бараат од своите влади да лобираат во Брисел за изземање на професионалните возачи од ограничувањата на денови за престој на териториите на Шенген зоната, бидејќи тие само си ја вршат работата.
Денеска, темата ќе биде дискутирана на работна средба во Стопанската комора, со присуство на вицепремиерот Александар Николоски.

Како EES и ETIAS влијаат врз македонските превозници?

Според последните информации, системот EES ќе стартува на 12 октомври 2025 година, а ќе се имплементира постепено во 29 европски земји (25 членки на ЕУ дел од Шенген-зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија). Целосната имплементација е предвидена за 10 април 2026 година, кога ќе започне електронското пресметување на деновите на престој.

Во моментов, преку ETIAS не е потребна никаква акција од страна на патниците, а ЕУ ќе го објави точниот датум за негово активирање неколку месеци пред лансирањето.

Според новите протоколи, и возачите на камиони ќе треба да аплицираат електронски за патничко овластување, кое ќе чини 20 евра. Ова дигитално овластување ќе биде поврзано со пасошот на возачот и автоматски ќе го следи бројот на денови поминати во Шенген-зоната, спречувајќи го пречекорувањето на дозволениот престој. ETIAS ќе важи три години или до истекот на пасошот.

Што значат EES и ETIAS?

Станува збор за два одделни системи што ЕУ ги воведува за управување и контрола на влезот во Шенген-зоната:

  • EES (Entry/Exit System) — стартува од октомври 2025
  • ETIAS (European Travel Information and Authorization System) — се очекува од 2026

Овие правила ќе важат за сите лица кои влегуваат во ЕУ од неевропски земји, вклучително и за професионалните возачи, што за транспортните компании претставува дополнително административно и финансиско оптоварување.