Европската унија (ЕУ) планира да воведе „реципрочни царински мерки“ за челик и алуминиум и ќе мора да „одговори“ и на други производи, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон за време на посетата на Португалија, реагирајќи на претстојното американско воведување царини од 25 % за европските производи.

Доколку се потврдат американските царини за челик и алуминиум, Европејците ќе одговорат и затоа ќе има реципрочни царини. Бидејќи треба да се заштитиме, мораме да се браниме“, рече Макрон на заедничката прес-конференција со португалскиот премиер Луис Монтенегро.
Не смееме да бидеме слаби на никаков начин пред овие мерки“, рече францускиот претседател на крајот од државната посета на Португалија.

Изјавата на Макрон покажува дека царинската и трговската војна може сериозно да ескалира. Доколку ЕУ одлучи да воведе царини за увозот на челик и алуминиум од сите земји надвор од ЕУ, а не само кон САД, тоа би значело голем удар за македонскиот извоз на челик, кој во најголем дел е насочен токму кон европските пазари.

ЕУ е загрижена за царините за челик и алуминиум што американскиот претседател Доналд Трамп има намера да ги спроведе, без оглед на потеклото на металите, односно на увозот од целиот свет.

Трамп во средата објави дека има намера да воведе царини од 25% за сите производи на ЕУ.
Најава што предизвика брза реакција од Брисел: „ЕУ секогаш ќе ги штити европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани царински давачки“, предупреди Европската комисија во соопштението за печатот.

Извор: Le Figaro