Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка објавија повеќе од 60 милијарди долари помош за земјите погодени од епидемијата на коронавирус. ММФ подготви 50 милијарди долари за сиромашните земји и земјите со средни приходи чиј здравствен систем е премногу слаб за да се справат со епидемијата.
Кризниот финансиски пакет беше усвоен откако вирусот почна брзо да се шири надвор од Кина во повеќе од 70 земји низ целиот свет, пишува Би-Би-Си.
ММФ исто така констатира дека глобалната економија веќе расте послабо како резултат на епидемијата од минатата година, проценувајќи дека стапката на раст во 2020 година ќе биде најниска од финансиската криза во 2008 година. Извршната директор на ММФ, Кристалина Геогриева проценува дека се уште е рано за да се проценат точните штети од епидемијата со вирусот врз светската економија.
„Глобалниот раст во 2020 година ќе падне под минатогодишните нивоа, но тешко е да се предвиди колку ќе падне и колку долго ќе се чувствуваат последиците“, вели Георгиева.
Светската банка подготви 12 милијарди долари
Светската банка пред неколку дена објави дополнителни 12 милијарди долари помош за земјите во развој кои се борат со ширењето на коронавирусот. Финансискиот пакет вклучува прифатливи заеми, неповратна финансиска и техничка помош.
Приоритет при дистрибуцијата на помошта ќе им се даде на најсиромашните и најранливите земји.
Светската банка проценува дека изложени на најголем ризик се земјите со лоша здравствена заштита и ограничени финансиски ресурси, кои имаат тесна економска соработка со Кина.