Царините на американскиот претседател Доналд Трамп за целиот увоз на челик и алуминиум во САД стапија на сила денес, предизвикувајќи брза реакција од Европа и закани за контрацарини од другите најпогодени трговски партнери, како што се Бразил, Мексико, Јужна Кореја и Јапонија.
Акцијата на Трамп за поголема заштита на американските производители на челик и алуминиум подразбира царини од 25% за сите увозни метали и проширување на давачките на стотици производи направени од метали, како што се навртки, завртки, сечила, булдожери и лименки со сода.
Македонија нема директно да биде погодена од увозните царини за челикот и алуминиумот, бидејќи најголемиот дел од челикот и челичните производи произведени во земјата се извезуваат во ЕУ и регионот. Според податоците од Државниот завод за статистика, минатата година Македонија извезла производи од железо и челик во САД во вредност од 937 илјади долари, при што најголем дел од нив биле челични конструкции, додека извозот на алуминиум и алуминиумски производи изнесувал околу 180 илјади евра.
Европската комисија реагираше брзо и објави дека од следниот месец ќе воведе контра-царини за американска стока во вредност до 26 милијарди евра (28 милијарди долари). Царините на ЕУ ќе стапат на сила на почетокот на април и ќе бидат насочени кон низа американски производи, како што се бурбон виски, чамци и мотоцикли, соопшти Европската унија.
„Подготвени сме да се вклучиме во значаен дијалог“, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека го задолжила комесарот за трговија на ЕУ да ги продолжи разговорите со САД.
„Цврсто веруваме дека, во свет полн со геоекономски и политички несигурности, не е во наш заеднички интерес да ги оптоваруваме нашите економии со вакви царини“, рече таа.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека Пекинг ќе преземе сите неопходни мерки за да ги заштити своите права и интереси, додека главниот секретар на јапонскиот кабинет, Јошимаса Хајаши, изјави дека потегот може значително да влијае врз економските врски меѓу САД и Јапонија.
Блиските сојузници на САД, Канада, Британија и Австралија ги критикуваа сеопфатните царини, при што Канада размислува за реципрочни мерки, а британскиот министер за трговија, Џонатан Рејнолдс, изјави дека „сите опции се на маса“ за одговор во согласност со националниот интерес.
Земјите кои се најмногу погодени од царините се Канада, најголемиот странски снабдувач на челик и алуминиум во САД, Бразил, Мексико и Јужна Кореја.
ЕУ засега не е многу погодена од царините
27-те земји на ЕУ засега се помалку погодени. Германскиот институт Кил процени дека царините ќе го погодат производството на ЕУ со само 0,02%, бидејќи „само мал дел“ од целните производи се извезуваат во САД.
Контрамерките на ЕУ – иако се импресивно еклектични, опфаќајќи сè, од забен конец до дијаманти и бањарки до бурбон – покриваат само стоки во вредност од околу шест дена трговија со стоки и услуги во рамките на обемната ЕУ-САД трговија.
Сепак, францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад, предупреди дека ЕУ може да го прошири својот одговор.
„На пример, ако дојде до ситуација кога треба да одиме понатаму, може да се вклучат дигитални услуги или интелектуална сопственост“, изјави тој.
Трамп првично ѝ се закани на Канада дека ќе ја удвои царината до 50% за нејзиниот извоз на челик и алуминиум во САД, но се повлече откако канадската провинција Онтарио го суспендираше потегот за воведување доплата од 25% за извозот на електрична енергија во некои американски држави.