Повеќе од четвртина од работните места во ОЕЦД се потпираат на вештини кои лесно би можеле да се автоматизираат во претстојната револуција на вештачката интелигенција, а работниците стравуваат дека би можеле да ги загубат своите работни места поради вештачката интелигенција, соопшти ОЕЦД.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) е блок од 38 земји, претежно богати нации, но и некои економии во развој како Мексико и Естонија.

Има малку докази дека појавата на вештачката интелигенција има значително влијание врз работните места досега, но тоа може да биде затоа што револуцијата е во рана фаза, велат од ОЕЦД.

Работните места со најголем ризик да бидат автоматизирани сочинуваат 27% од работната сила во просек во земјите на ОЕЦД, а најизложени се земјите од источна Европа, објави организацијата со седиште во Париз во својата анализа Изгледи за вработување за 2023 година.

Работните места со најголем ризик беа дефинирани како оние кои користат повеќе од 25 од 100-те вештини и способности за кои експертите за вештачка интелигенција сметаат дека можат лесно да се автоматизираат.

Занимањата во финансиите, медицината и правните активности кои често бараат долгогодишно образование и чии основни функции се потпираат на акумулираното искуство за да се донесат одлуки, одеднаш може да се најдат во ризик од автоматизација од вештачката интелигенција“, велат од ОЕЦД.

Се додава дека висококвалификуваните професии се најмногу изложени на автоматизација на ВИ, како што се работниците во областа на правото, културата, науката, инженерството и бизнисот.

Во меѓувреме, тројца од пет работници стравуваат дека би можеле да ја загубат работата поради вештачка интелигенција во следните 10 години, откри ОЕЦД во минатогодишното истражување. Истражувањето опфати 5.300 работници во 2.000 фирми кои опфаќаат производство и финансии во седум земји на ОЕЦД.
Истражувањето беше спроведено пред експлозивното појавување на генеративната вештачка интелигенција како ChatGPT.

„Овие брзи случувања, во комбинација со падот на трошоците за производство и усвојување на овие нови технологии, сугерираат дека економиите на ОЕЦД може да се на работ на револуција на вештачката интелигенција која би можела суштински да го промени работното место“, рече организацијата во својата перспектива за вработување за 2023 година, која се однесува на „итна потреба да се дејствува“ за вештачката интелигенција.

И покрај вознемиреноста поради појавата на вештачката интелигенција, две третини од работниците кои веќе работат со неа рекоа дека автоматизацијата ги направила нивните работни места помалку опасни или досадни.

„Како вештачката интелигенција на крајот ќе влијае на работниците на работното место и дали придобивките ќе ги надминат ризиците, ќе зависи од политичките активности што ги преземаме“, рече на прес-конференција генералниот секретар на ОЕЦД, Матијас Корман.

„Владите мора да им помогнат на работниците да се подготват за промените и да имаат корист од можностите што ќе ги донесе вештачката интелигенција“, продолжи тој.

Минималните плати и колективното договарање би можеле да помогнат да се намали притисокот што вештачката интелигенција може да го изврши врз платите додека владите и регулаторите треба да обезбедат дека правата на работниците не се загрозени, велат од ОЕЦД.

Извор: Reuters