Македонската компанија за производство на месни преработки “Пекабеско” објави дека во првите девет месеци од 2022 година работела со вкупни приходи од продажба од 64,5 милион евра, кои се за 13% поголеми во споредба со истиот период во 2021 година.
Најголемиот дел од приходите од продажба на Пекабеско или 86,4% се остварени од продажби на домашниот пазар, кои во првите девет месеци од 2022 година се зголемени за 13% и изнесувале 55,8 милиони евра.
Приходите од продажба на странски пазари на Пекабеско во периодот од јануари до септември се зголемени 13%, достигнувајќи 8,7 милиони евра.
Оперативните расходи на Пекабеско во првите девет месеци годинава бележат раст од 15%, и изнесувале близу 64 милиони евра.
Од компанијата информираат дека трошоците за енергија годинава им се зголемени за дури 203% во споредба со лани, а раст има и на цените на речиси сите суровини и репроматеријали за производство.
Исто така, од компанијата објаснуваат дека заради појавата на Африканска чума биле во неможност да извезуваат на некои од нивните извозни пазари.
Заради големиот раст на трошоците, Пекабеско во првите девет месеци годинава работел со добивка помала за 6% во споредба со истиот период лани, која изнесувала 1,2 милиони евра,
Од компанијата информираат дека во првите девет месеци годинава инвестирале 63 милиони денари, главно во купено земјиште,производствена и транспортна опрема, кои се поголеми за 140% во споредба со истиот период лани.
Вкупната задолженост на крајот на март годинава изнесувала 238 милиони денари (3,9 милиони евра) и во споредба со состојбата од минатата година бележи намалување од 14%.
Компанијата Пекабеско е меѓу 100-те најголеми извозници во земјата, која според извозот во 2021 година се најде 62-то место на листата Топ 100 Извозници 2022.