Перо Колев: БРАКО постави стандарди во Македонија – на светските пазари нe одржува европскиот квалитет на нашето производството

ИНТЕРВЈУ

ПЕРО КОЛЕВ, директор на Одделот за тешки метални конструкции во БРАКО

Машинскиот инженер Перо Колев, еден од директорите во БРАКО, е во фабриката од нејзините почетоци во 2003 година, кога се поставија темелите на модерното БРАКО, а работеше и во старата фабрика, која во 90-тите години од минатиот век беше зафатена од виорот на транзицијата, во која овој, тогаш државен капацитет, не успеа да се снајде. 

Модерното БРАКО стартуваше пред речиси 20 години, како инвестиција и под менаџерство на Кочо Анѓушев и неговите партнери, кои како претприемачи вложија во фабриката и во нејзините вработени, кои во тоа време беа без работа и без плати.
Од денешна дистанца, директорот на одделот за тешки метални констукции, дипл. инженер Перо Колев, оценува дека во изминатите две децении БРАКО постави стандарди во домашната индустрија и е водечка компанија за извоз од Македонија кон развиените пазари во светот, каде продава производи од неколку различни палети, вклучувајќи и техничко-технолошки софистицирани производи. 

БРАКО ја заврши 2021 година со пораст на производството, прометот и профитот, а од достапните информации во медиумите можеме да забележиме дека и во 2022 година има позитивен тренд, за разлика од многу стопански субјекти кои претрпеа силни загуби од енергетската криза, а пред тоа, и од влијанието на ковид кризата врз економијата. Како успевате да работите успешно во континуирано тешки услови?

Колев: Целата компанија БРАКО бележи успех во 2022 година, а Одделот за тешки метални конструкции, како еден дел од производството на БРАКО, оваа година забележа раст од 80% на приходите во однос на минатата година. 

Овој успех се должи на стратегијата по која се водевме и кризниот менаџмент што го спроведовме. Имаше повеќе потези во изминатите три години кои не одржаа во текот на овие кризи до денес, па дури направија и да пораснеме. 

Најважно беше тоа што ние навремено и брзо реагиравме кога се сменија пазарните услови. 

Имено, станува збор пред се за одлуки на менаџментот околу набавката на суровини, обезбедувањето нови пазари, задржување на постојните, зголемување на конкурентноста, зголемување на нашата продуктивност, превземањето на просторот кој се ослободи на европските пазари предизвикано од локдаунот во текот на ковид кризата, диференцирањето на производството, воведувањето на линии на производи кои беа барани во тој период, а паузирање на производите за кои побарувачката опадна итн. 

Дополнително на тоа, нашите работници во погоните и сите наши вработени, максимално се вложија во сите нови проекти, да се изработи и испорача во рокот, па и пред рокот, за да успееме да се пробиеме и одржиме во време кога многу стопански субјекти околу нас и во светот за жал не издржаа во последните три години. 

Сакам јавно да истакнам дека вработените во БРАКО се пример за способност, одговорност  и посветеност во својата работа.

Енергетската криза нанесе многу штета на фирмите низ цела Европа, но бројките од производството на БРАКО покажуваат дека успевате да се носите и со оваа криза. Ефектите на кризата се чувствуваат во Македонија, но се чувствуваат и во други земји кои работат на европскиот пазар. Со кои предизвици се соочувате во работењето?

Колев: Зголемените цени на енергенсите им ги зголемија трошоците на работењето и ги принудија компаниите да бараат стратешки партнери во Југоисточна Европа кои можат да одговорат на нивните стандарди за квалитет и доследно да ги почитуваат договорените обврски. Современата технолошка опременост, високата стручност и обученост на кадарот во БРАКО, ни овозможуваат за многу кратко време да одговориме на барањата на нашите партнери. 

Сериозните компании тоа го препознаваат и морам да истакнам дека сите со кои започнуваме пробна соработка, потоа ја продолжуваат соработката со нас долгорочно. Најпрво со испораки на прототипови, а понатаму да ја надградиме со старт на сериско производство. 

Моите луѓе и техниката која ја користиме во производството, на нашите партнери може да им понудат комплетна услуга од почетно конфекционирање на суровините, па се до завршна монтажа на финален производ. 

Ќе бидам слободен да изјавам дека нема многу компании во Југоисточна Европа кои можат да одговорат на овие предизвици на исто ниво како БРАКО.

Споменувате нови проекти и нови предизвици. Какви се производи излегуваат од БРАКО овие денови и со кои компании од надвор соработувате?


Колев:
БРАКО соработува со врвни европски компании, многу добро познати во своите области, кои со своите производи се застапени на пазарите низ целиот свет. Слободно можам да кажам дека сме рамо до рамо со сите нив и дека го постигнавме нивото кога можеме да кажеме дека сме достојни да го задоволиме европскиот стандард на производство. За тие компании произведуваме делови или цели производи за нивните брендови. 

Кога станува збор за Одделот за тешки метални конструкции, можам да ги набројам видовите на производи кои ги развивме изминатава година. Станува збор за целосни челични шасии за дампери за австриска компанија, комплетни машини за раздвојување на исечено стакло за компанија од Германија, делови од конструкции за врвни печатарски линии за швајцарска компанија, делови за мерна опрема која се монтира на виљушкари за компанија од Холандија, целосни земјоделски приколки за позната фирма од  Германија, но и прозводство на многу други продукти, метални склопови, делови, компоненти и други материјали за постојни партнери. Генерално се тоа производи со повисока додадена вредност, односно не се само единечни компоненти или обработка на некој дел. 

БРАКО произведува и целосно наши брендови кои ги извезуваме низ целиот свет, а тука пред се мислам на возилата за одржување хигиена во урбани средини, кои се исто така еден од производните оддели на БРАКО.

Согласно ова што го зборувате тешко би можела да се направи некаква симплификација на производството, а тешките метални конструкции асоцираат на тежина. Колкав е обемот на металот кој годишно поминува низ рацете на работниците или машините во БРАКО?

Колев: Називот на одделот секако асоцира дека овде целото зголемување на остварувањето би требало да биде поврзано со зголемување на количините на метал што во еден дел е така, но ние со дополнителни технолошки операции влијаеме на зголемената додадена вредност на металот, а со тоа и на продажната вредност на производите.

Оваа година нашиот оддел е на ниво од околу 3.000 тони обработен метал во најразличен облик и квалитет, зависно од барањата на нашиот клиент.


Вие од самите почетоци на „Брако“ сте вклучени во инженерскиот тим кој е сведок на растот и развојот на компанијата, која денес е гигант во областа на металопреработувачката индустрија. Како би ни го опишале овој развој?

Колев: Јас сум еден од првите инженери во БРАКО веднаш после приватизацијата и сум дел од развојот на скоро сите производни програми. На почетоците беше поедноставно да се следи производството, заради помалиот обем, а и нашиот тим беше помал. Како одминуваше времето, производните програми забележуваа континуиран развој, се отвораат и нови погони, а сето тоа резултира со проширување на компанијата и постојано ангажирање на нови млади квалитетни инжинерски и други кадри. Ме радува што во моментов имаме еден склоп на повозрасни и млади инженери и техничари, со што имаме еден балансиран микс на искуство и знаење од една страна и жед за нови знаења и огромна желба за докажување од друга страна. Тоа е комбинација која како тим не влече напред. 

Одлична е и кохезијата на сопствениците и менаџерскиот тим. Ние во оперативниот дел ги завршуваме своите активности, но морам да ги потенцирам храбрите одлуки на сопствениците на БРАКО, кои имаат лидерска улога во модернизацијата, осовременувањето и брзиот технолошки развој на фабриката и се посветија на капитални инвестиции во машини и во изградба и реконструкција на производствените објекти. Тие вложувања помогнаа да можеме сега да одговориме на тековните предизвици, но и на сите предизвици низ овие 20 години заедничко функционирање. 


БРАКО функционира 20 години. Што е клучот на успехот и долговечноста?

Колев: Точно, работиме успешно, веќе 20 години сме на пазарот. За една компанија да биде успешна, потребно е менаџментот да ги предвиди сите ризици во работењето, да инвестира во технологија и објекти, но и да вложува во луѓето, кои се многу важен ресурс. Потребно е и да создавате силни врски со клиентите, да стекнат доверба во вас, дека ќе ги исполните нивните очекувања. 

Ние сме успешни затоа што веруваме во нашите способности и капацитети, знаеме колку можеме и сигурни сме во себе дека овде во нашата држава можеме да направиме високо квалитетни производи со кои можеме да се гордееме. За мене како инженер, нема поубаво чувство од тоа кога нешто што било на ниво на идеја и замисла ќе се претвори во нешто што е реално, опипливо и токму така како што си го замислил.

Како прашање за крај, каква е состојбата со професионалните кадри во БРАКО, поконкретно во одделот со кој раководите. Многу производствени компании имаат проблеми со персонал, дали е тоа случај и кај Вас?

Колев: БРАКО како одговорна компанија внимава многу на тоа да бидеме во тек со движењата на пазарот на трудот. Нашиот раст на производството, постојано се движи паралелно со растот на бројот на вработени. 

Можам да кажам дека БРАКО е едно од најдобрите места во Македонија за техничари и инженери, каде можат да го работат тоа за што учеле. Се трудиме да им понудиме на вработените соодветни примања кои би одговориле на нивните лични квалификации и работиме на тоа да обучиме што е можно повеќе вработени за дејности кои се дефицитарни и одлично платени, како што се заварувачите или оператори на компјутерско управувани машини. 

Политиката на нашата компанија е да им се даде можност на младите инженери или техничари да се пронајдат со својата работа и труд и да бидат дел од нашата успешна приказна. БРАКО е голем предизвик за секој млад инжинер, кој тука има ретка и несекојдневна прилика стекнатото теоретско знаење да го примени и да се здобие со нови практични вештини кои ги става на располагање на тимот. Ние како компанија се обидуваме правилно да ги вреднуваме нашите вработени, да ги стимулираме да бидат дел од заедничкиот успех и тука, во родната држава да градат кариера и создаваат успешни приказни.