Првите два месеци годинава македонските компании извезле производи за 977 милиони евра, 3,4% повеќе во споредба со лани

Во првите два месеци годинава македонските компании извезле производи во вредност од  977 милиони евра, што е за 3,4% повеќе во споредба со истиот период лани.
Увозот, пак, во првите два месеци достигна 1,3 милијарди евра, што е раст од 4,9%, со што покриеноста на увозот на извозот изнесуваше 74,5%

Извозот и увозот во овие два месеци се уште не го одразуваат застојот и нарушувањата низ цела Европа поради корона вирусот кои се случуваа во март, но веќе ги покажува првите знаци на забавување на растот на извозот како последица на забавувањето на германската економија, прекинот во глобалните ланци на снабдување кој се случи заради неработењето на фабриките во Кина во регионите погодени со корона вирусот, како и карантинот со кој се соочуваше северниот дел на Италија во втората половина на февруари.

Најмногу во првите два месеци сме извезувале машини и транспортни уреди во вредност од 329 милиони евра, кој е намален за 1,8% во споредба со истиот период лани. Втора најголема извозна ставка биле хемиските производи чиј извоз во периодот јануари и февруари изнесувал 224 милиони евра и бележи пад од 0,6% во споредба со лани.
Ако се анализираат податоците во првите два месеци најголем раст имале извозот на челични производи од 19,3%, тутун и пијалоци од 8,3% и извозот на храна од 7,9%. Во првите два месеци сме извезле храна во вредност од 46 милиони евра, а сме увезле храна во вредност од 111 милиони евра.

Гледано по региони и земји извозот во ЕУ, каде бил насочен 80,9% од вкупниот извоз во првите два месеци бележи раст од 2,4%, додека увозот од европските земји бележи пад 0,4%.

Извозот во земјите од Западен Балкан, во првите два месеци годинава бележи раст од 1,5%, додека увозот од овие земји во истиот период е зголемен за 25,5%.
Извозот во Кина и азиските земји во првите два месеци бележи пад од 2,2%, додека увозот е зголемен за 14%.

Анализирано по земји, во Германија, кој е нашиот најголем трговски партнер, во првите два месеци имало намалување и кај извозот ( -0,1%) и кај увозот (од 2,6%).

После Германија, Бугарија била втор најголем извозен пазар за Македонија, каде во првите два месеци годинава сме извезле производи во вредност од 46 милиони евра или 5,2% повеќе во споредба со истиот период лани.

Трет најголем извозен пазар била Холандија, каде се бележи голем раст на извозот во првите два месеци од дури 127,5%, или е остварен вкупен извоз од 39 милиони евра .

Косово е четврт најголем пазар во првите два месеци за македонските компании каде се извезени производи во вредност од 35,5 милиони евра, што е раст од 1,9%.

Велика Британија е петти најголем извозен пазар со извоз во првите два месеци од 32,9 милиони евра, кој е поголем за 37,5% во споредба со истиот период лани.

Белгија била шести најголем извозен пазар со извоз од 30,4 милиони евра, каде извозот во првите два месеци е намален за 22,3%, а увозот за 26,3%.

Србија бил седми најголем извозен пазар, каде во првите два месеци сме извезле 28,9 милиони евра или 2,9% помалку во споредба со истиот период лани.

Голем пад на извозот во првите два месеци има во Италија од  10,7%, а увозот од оваа земја во истиот период бележи пад од дури 17,3%. Пад во трговската размена има и со Романија, каде во првите два месеци годинава извозот е намален за 12,5%, а увозот за 14,1%.

Во  Русија во првите два месеци сме извезле производи во вредност од 6,5 милиони евра, што е за 30,5% повеќе во споредба со истиот период лани. Од Русија, пак, во истиот период сме увезле производи во вредност од 38 милиони евра, што е раст од 43,7%.