“Виталиа” однапред го плати данокот на добивка и донираше здрава храна преку Црвениот крст

Виталиа“ продолжува со активностите за поткрепа на битката со корона вирусот во РС Македонија, преку аконтативна исплата на целиот данок на добивка за 2020 година во износ 7.002.194 денари, како и со донација на поголемо количество здрава храна на Црвениот крст наменета за социјално најзагрозените семејства.

– Соочувањето со корона вирусот е предизвик којшто бара активно и посветено вклучување на сите членови во општеството, не само на државните институции. Ова е навистина тешка и исцрпувачка битка, па со цел да го поддржиме севкупниот медицински персонал, но и останатите служби, како полицијата и армијата, аконтативно го исплативме данокот на добивка. Освен што со заедничкото совесно однесување сите придонесуваме да се спречи ширењето на Ковид-19, секој од нас, во рамките на своите можности, треба да даде конкретна помош во оваа борба, – истакнуваат од „Виталиа“.

Од „Виталиа“ посочуваат дека поради  вонредната состојба, посебно внимание треба да  им се обрне на лицата што се загрозени во нормални услови.

– Како што наоѓаме начин да им помогнеме на најблиските, покрај тоа што мораме да држиме безбедно растојание, така треба да најдеме начин да им дадеме поддршка и на сите што им е потребна. Волонтерите, како и целата организација на Црвениот крст се вистинска инспирација за сите нас и за таа цел се надеваме дека оваа донација ќе им помогне да ја продолжат својата благородна мисија, – велат од „Виталиа“.

Од компанијата истакнуваат дека и покрај сите предизвици, тие продолжуваат со максимални напори непречено и безбедно да произведуваат здрава храна за широката популација, но и да обезбедат поддршка каде што е најпотребна. Компанијата неодамна донираше заштитна опрема и комплети здрава храна за медицинскиот персонал на Инфективната клиника во Скопје, а за лицата над 60 години, вршат бесплатна достава на здрава храна на територијата на целата земја.