Тутунскиот комбинат Прилеп објави дека во првата половина од 2024 година остварил значително зголемени приходи од продажба на домашниот и странските пазари, како и подобрена профитабилност.

Вкупните приходи од продажба изнесуваат 10,4 милиони евра, што е двојно повеќе во споредба со истиот период лани.

Најголем дел од приходите или 64% се остварени преку извоз и продажба на странски пазари, кои бележат раст од 73% и достигнуваат речиси 6,7 милиони евра.

Приходите од продажба на домашниот пазар се речиси трикратно зголемени, достигнувајќи 3,7 милиони евра.

Како резултат на зголемените продажби, компанијата во првите шест месеци од годинава остварила добивка од 750 илјади евра, што претставува значително подобрување во однос на истиот период лани, кога работела со загуба од 970 илјади евра.

Од компанијата информираат дека во наредните квартали се планира целосна реализација на продажбата на откупениот тутун, со очекување за уште повисоки приходи и позитивни финансиски резултати.