Подобрата снабденост со полупроводници и силната премиум побарувачка им даваат на производителите на автомобили добар профит. Третиот квартал од 2022 година за многу компании беше „квартал од соништата“.
Според студијата на консултантската куќа EY, најголемите светски производители на автомобили продолжуваат да остваруваат рекордни профити.
„Заклучокот е дека третиот квартал беше квартал од соништата за автомобилската индустрија, и покрај забавувањето на економијата и многу тешката геополитичка ситуација“, смета Константин Гал, шеф на одделот за мобилност Западна Европа во EY.
Понудата на полупроводници полека се подобрува, а побарувачката особено за премиум возила е сè уште висока.
Според индустрискиот консултант на EY, Питер Фус, пазарот особено за масовните производители може да биде под притисок во иднина.
„Моментално големи делови од населението на важните продажни пазари имаат значителна загуба на куповната моќ. Ова значи дека се помалку луѓе можат или сакаат да си дозволат нов автомобил“.
Според EY, меѓу јули и септември и вкупната добивка од тековното работење и вкупната продажба на 16 анализирани компании биле на највисоко ниво забележано досега во третиот квартал.
Во однос на оперативниот профит, Mercedes-Benz беше светски лидер со профит од околу 5,2 милијарди евра во третиот квартал, раст од 83% во споредба со истиот период лани. За целата 2022 година Mercedes-Benz очекува профит од 19 милијарди евра.
Volkswagen се најде на второто место со 4,3 милијарди евра. BMW се најде на петтото место со 3,7 милијарди евра. Најголемиот светски производител на автомобили „Тојота“, пак, киксираше и забележа пад на профитот од 25%.