Профитот на Volkswagen се намали за повеќе од една третина во вториот квартал. Меѓу причините се слабите бројки од Ауди и Порше. Компанијата ја намалува својата прогноза за целата година поради американските царини.

Групацијата Volkswagen забележа значителен пад на профитот во вториот квартал. По даноците, компанијата со седиште во Волфсбург заработи 2,29 милијарди евра, третина помалку во споредба со претходната година, објавија од групацијата Volkswagen.

Причината за ова беше, меѓу другото, слабите перформанси во работењето на скапите брендови Порше и Ауди. Volkswagen, исто така, ги наведе високите трошоци за конверзија и моменталното силно работење на своите електрични автомобили со пониска маржа како причини. Во Кина, компанијата повторно заработи значително помалку.

Оперативниот резултат на Групацијата се намали за 29 % на 3,83 милијарди евра, што одговара на оперативна маржа од 4,7%. Ова беше во согласност со очекувањата на аналитичарите. И покрај малото зголемување на испораките, продажбата се намали за 3%, на 80,6 милијарди евра.
Поради царините на американскиот претседател Доналд Трамп – а исто така и поради слабоста на Порше и Ауди – групацијата ја намалува својата прогноза за целата година.
Компанијата сега очекува продажбата да остане на нивото од претходната година, откако претходно разгледуваше зголемување до 5%. Се очекува оперативниот принос од продажбата да биде помеѓу 4% и 5%, наместо помеѓу 5,5 % и 6,5 %. Се очекува и нето приливот на парични средства да биде помал од претходно очекуваниот, од една до три милијарди евра.

На долната граница од својата прогноза, Volkswagen претпоставува дека царините за увоз на нови автомобили во САД ќе останат на 27,5 %. На горната граница, се претпоставуваат царини од 10%.
„Постои висок степен на неизвесност во врска со понатамошниот развој на царинската ситуација и нејзините ефекти и интеракции“, додадaваат од компанијата.

Германската групација Volkswagen, а посебно брендовите Порше и Ауди се меѓу компаниите во чии синџири на снабдување се силно вклучени компаниите од автомобилската индустрија во Македонија, која создава повеќе од половина од македонскиот извоз. Слабото работење на германската индустрија веќе се одразува преку намалениот извоз на Македонија, како и помалите нарачки на компаниите за следниот период.