© Mikhail Klimentyev/Russian Presidential Press and Information Office/TASS

Рускиот претседател Владимир Путин потпишал декрет со кој се наредува да се ограничи или забрани увозот и извозот на одредени производи и суровини од Русија до крајот на 2022 година.
Списоците на производи и суровини кои ќе бидат опфатени со оваа мерка, како и земјите за кои истите ќе се однесуваат, треба да ги изготви руската Влада во следните два дена, објавува руската агенција Тасс.
Станува збор за декрет за специјални странски економски мерки насочени кон обезбедување на безбедноста на Русија, кој Путин го потпишал вчера, веднаш откако американскиот претседател Џо Бајден соопшто дека САД го забранува увозот на нафта и нафтени деривати од Русија.

„Обезбедете спроведување на следните посебни економски мерки до 31 декември 2022 година: забрана за извоз и увоз на производи и/или суровини во согласност со списоците што ќе ги дефинира владата на Руската Федерација“, се вели во документот кој го цитира руската агенција Тасс.

Владата во рок од две недели ќе треба да ја дефинира и листата на држави кои ќе бидат опфатени со овие одлуки. Овие ограничувања нема да ги опфатат производите или суровините што ги транспортираат граѓаните за нивни лични потреби.

Понатаму, на кабинетот ќе му се дозволи да постави особености за спроведување на овие мерки во однос на одредени производи или одредени луѓе или компании.

Новите мерки се воведуваат како дополнување на мерките наведени во претходните претседателски декрети. Претходно, Русија воведе специјални економски мерки како одговор на санкциите воведени од САД и европските сојузници, како и други држави и меѓународни организации.

Новиот декрет е потпишан со цел да се обезбеди безбедност на Русија и непречено функционирање на индустријата. Уредбата влегува во сила од моментот на официјалното објавување.