Цените на нафтата паднаа за шокирачки 30% на азиските берзи, откако Саудиска Арабија ги изненади нафтените пазари по објавата за зголемување на производството на нафта. Ова е најголем еднодневен пад на цените на нафтата уште од 1991 година, објавува Ројтерс.
Суровата нафта „брент“, глобалниот репер за цената на нафтата, падна за 26,4% на 33,32 долари за барел. Цените на West Texas Intermediate нафтата, која е репер за САД, се срушија дури 34% на четиригодишно најниско ниво од 27,34.
Саудиска Арабија ги шокираше светските енергетски пазари овој викенд. На целосно изненадување за сите третиот по големина производител во света и најголем извозник објви дека ќе го зголеми производството на нафта. Оваа изјава на Саудсика Арабија предизвика вистински шок на берзите на Блискиот исток, каде тргување има и во недела.
Овој потег се толкува како започнување на ценовна војна против некогашниот сојузник Русија, што доаѓа по неуспешната средба на ОПЕК минатата недела. На средбата на ОПЕК во Виена, Русија не се согласи за намалување на производството на нафта во обид да се спречи намалувањето на цената на нафтата по големиот пад на страната на побарувачката на нафта заради економското забавување од коронавирусот. По овој неуспешен состанок на ОПЕК, Саудиска Арабија неочекувано презема потег во сосема спротивна насока, кој ќе предизвика дополнително намалување на цената на нафтата.
Аналитичарите очекуваат црн ден на берзите денеска.