Глобалниот долг минатата година се искачи на 226 трилиони долари, што е најголем скок во една година од Втората светска војна и ќе биде изложен на ризик доколку глобалните каматни стапки се зголемат побрзо од очекуваното и растот закочи, објави денеска Меѓународниот монетарен фонд.

Од ММФ сметаат дека пандемијата со Ковид 19 предизвикала долгот да достигне 256% од глобалниот БДП во 2020 година, што претставува зголемување од 28 процентни поени. Задолжувањето на државите претставува нешто повеќе од половина од зголемувањето од 28 трилиони долари, но приватниот долг меѓу нефинансиските корпорации и домаќинствата, исто така, достигна нови рекордни нивоа.
Напредните економии и Кина учествуваа со 90% од растот на долгот, овозможено од ниските каматни стапки. Долгот порасна помалку во другите земји во развој, кои беа попречени од често повисоките трошоци за задолжување и ограничениот пристап до финансирање, соопшти ММФ.

Директорот за фискални прашања на ММФ, Витор Гаспар и други официјални претставници рекоа дека повисоките каматни стапки ќе го намалат влијанието на зголеменото фискално трошење и ќе предизвикаат интензивирање на загриженоста за одржливоста на долгот.
„Ризиците ќе се зголемат ако глобалните каматни стапки се зголемат побрзо од очекуваното и ако растот закочи“, сметаат од ММФ.

„Значајното заострување на финансиските услови би го зголемило притисокот врз највисоко задолжените влади, домаќинства и фирми.

Извор: Reuters