Србија минатата година извезла храна за кучиња и мачки во вредност од 146,5 милиони долари, со што е рангирана како 24 ти најголем иизвозник во светот, покажуваат податоците на Worldtopexport.
Србија е убедливо најголем извозник на храна за кучиња и мачки во регионот, далеку пред Грција, која лани имала извоз вреден 11,9 милиони долари.
Вредноста на извозот на храна за овие домашни миленици од Србија минатата 2021 година година е зголемена за 43,5% во споредба со 2020 година. Извозот на храна за кучиња и мачки бележи огромен раст во изминатите години. За споредба, во 2015 година Србија имала извоз на оваа храна од само 16 милиони долари.
Србија извезува храна за кучиња и мачки во 44 земји, повеќето од нив на пазарите во ЕУ и регионалните пазари. Во Србија во моментов работат осум компании, кои ги зголемуваат своите капацитети и производство за да можат да го задоволат пазарот кој се повеќе расте, посебно во земјите од ЕУ.
Според статистиката на Државниот завод за статистика, Македонија е нето увозник на оваа храна за миленици. Минатата година од земјава имало незначителен извоз на храна за мачки и кучиња помал од 30 илјади евра.
Но, затоа, пак, за увозт на ваква храна сме платиле 7,4 милиони долари. Во споредба со 2017 година, увозот на храна во земјава се зголемил за повеќе од двојно или за 3,8 милиони долари.
Извозот на храна за миленици станува профитабилен бизнис
Како што се зголемува бројот на домашни миленици во светот, така се зголемува и побарувачката за овој вид на производи, а овој бизнис станува се попрофитабилен. Податоците покажуваат дека продажбата на храна за кучиња и мачки бележела раст и во време на короната.
Светската продажба на храна за кучиња и мачки минатата 2021 година изнесувала 21 милијарда долари, 19,6% во споредба со претходната 2020 година.
Ако се спореди, пак, со 2017 година, вредноста на извозот на храна за кучиња и мачки е зголемена за дури 61,2% или за осум милијарди долари.
Петте најголеми извозници на храна за мачки и кучиња (хармонизираниот тарифен систем – 230910) во 2021 година биле Германија, САД, Тајланд, Франција и Полска, кои остваруваат речиси половина (49,3%) од глобално извезената храна за кучиња и мачки во 2021 година. Германија е лидер според вредноста на извезената храна за мачки и кучиња од 2,7милијарди долари во 2021 година или 12,6% од пазарот. Следат САД со извоз вреден 2,1 милијарди долари, Тајланд со извоз од 2,05 милијарди долари, Франција со извоз вреден 1,99 милијарди долари и Полска со извоз од 1,6 милијарди долари.