Индустриското производство во еврозоната и ЕУ се стабилизираше на почетокот на годината, покажуваат најновите податоци на Европскиот завод за статистика.

Според Евростат, индустриското производство во еврозоната е зголемено за 0,7% во јануари во однос на декември, кога имаше пад од 1,3%, покажуваат сезонски приспособените податоци.

Индустриското производство, пак, во ЕУ во јануари е зголемено за 0,3% во однос на крајот на минатата година кога се намали за ревидирани 0,6%.

Стабилизацијата го одразува растот на производството на интермедијарни производи, за 1,5% во еврозоната и за 1,1 отсто во ЕУ во однос на декември. Кај сите останати сектори е забележан пад, кој беше најизразен во категоријата нетрајни производи за широка потрошувачка, при што производството е намалено за 2,1% во еврозоната и за 3,2 % во ЕУ. Производството на енергија падна за 0,8% во еврозоната на месечно ниво, а во ЕУ стагнираше.

Индустриското производство со најголем пораст во Ирска, Шведска и Романија

Според Еуростат, меѓу земјите-членки индустриското производство најмногу пораснало во Ирска, за 9,3% на месечна основа.
Следат Шведска и Романија со раст на производството од пет, односно 2%. Најголем пад на производството забележа Данска од 7,1 %. Следат Унгарија и Холандија со пад од пет, односно 4,3 %.

Помалку производство на енергија

На годишно ниво, производството повторно порасна во јануари и во еврозоната и во ЕУ, за приближно 1%, откако во декември падна за 2%, односно за 0,6%.

Производството на капитални добра пораснало најмногу во двете области за 8,2% во еврозоната и 8,3 % во ЕУ. Во декември бележи пад во еврозоната за 1,4%, додека благо порасна во Унијата.

Порасна и производството на нетрајни производи за широка потрошувачка, за 3,2%, односно 4,7%, значително пониско од декември. Производството на енергија е намалено на годишна основа за 7,6 % во еврозоната и за 7,1 % во ЕУ.

Меѓу земјите од ЕУ, најголем раст на производството на годишно ниво е забележан во Ирска во јануари, од 19,5 %. Следат Данска и Малта со раст од 14,2% и 12,4%, соодветно.

Најголем пад забележа Литванија, од 12 %. Следат Летонија и Словачка, каде годишното производство е намалено за 9,8%, односно 8,6%.

За разлика од еврозоната и ЕУ, индустриското производство во Македонија паѓа веќе петти месец по ред. Во јануари 2023 година падот изнесуваше 2,3%.