Денеска, на само неколку дена пред одбележувањето на 100 години коморско организирање во нашата држава, на прес-конференција Стопанската комора на Северна Македонија ги претстави сертификатните марки „Македонски екстра квалитет“ и „Традиционален македонски квалитет“, кои се воспоставуваат како одговор на барањата на нашите компании.
„Комората со особено внимание и во континуитет ги следи потребите на компаниите. Тргнувајќи од нивните барања и потреби, а имајќи ја предвид улогата на Стопанската комора, но и улогите на сите комори во светот, кои се широко почитувани институции и кои се прифатени од сите чинители во една национална економија, во градењето на економските политики на една национална економија со нивните иницијативи и ставови, со експертизата, мислењата и со потврдите, издавањето на сертификатните марки за македонските производи или услуги има особено значење и силно ќе влијае врз нивната препознатливост и додадена вредност на пазарите“, истакна потпретседателката м-р Анета Трајковска.
„Воспоставувајќи ги овие сертификати, Стопанската комора на Северна Македонија, како куќата на бизнисот, стара еден век, е во функција на својата задача, на целите и на визијата и им дава директна поддршка на производителите на домашни производи и услуги, со што гарантира домашно потекло и квалитет, но и го поттикнува унапредувањето на домашното производство и на домашната економија како на наш ДОМ, создавајќи посебен идентитет за македонските производи и услуги на странските пазари, но и на домашниот пазар“, истакна м-р Трајковска, потпретседател во Стопанската комора.
„Целта на Стопанската комора на Северна Македонија со воспоставувањето на овие сертификатни марки е поддршка во промоцијата на македонските производи и услуги, во промоцијата на македонските компании и поддршка во унапредувањето на нивната конкурентност и зголемена профитабилност; промоција на Република Северна Македонија во странство, но и поттикнување и поддржување на развојот на домашното производство, унапредување на квалитетот, креативноста, иновативноста итн. Во постапката на издавање на сертификатните марки се користат транспарентни критериуми и критериуми поставени на експертска основа за доделување на правото за користење, а постојат утврдени правила и процедури за доделување. Во процесот на проверка се вклучени експерти од различни области за утврдување на потеклото, квалитетот, за дизајнот, маркетингот, за почитување и за воспоставување потребни стандарди итн.“, образложи потпретседателката на Комората, г-ѓа Трајковска.
Сертификатната марка е наменета исклучиво за производот или за услугата за која е дадено правото на користење и се користи преку аплицирање на амбалажата, преку поставување на веб-страницата на која се рекламира производот/услугата и преку др. промотивни и комерцијални материјали. Таа вклучува и дигитален QR-код, преку кој се проверува веродостојноста директно на веб-страницата на Стопанската комора на Северна Македонија, како издавач, а преку посебен линк кој води до каталогот на производи на „ГС1 Македонија“, како издавач на глобален број на трговската единица, бар кодот, може да се проверат и карактеристиките на производот.
Производот или услугата мора да има висок квалитет и да е произведен во Република Северна Македонија, создаден со доминантно учество на македонски труд и со материјали од најмалку 60 %. Производот, односно услугата треба да се карактеризира со добра функционалност, употребливост, современ дизајн и со издржливост; да биде изработен од материјали со екстра квалитет, при што ќе биде обезбедна примена на еколошките стандарди, а на пазарот да е најмалку една година.
Г-ѓа Трајковска истакна дека Комората останува на висина на својата задача во реализацијата на поставените стратешки цели и продолжува со своите активности. „Будно ќе ги следиме потребите на компаниите во функција на подобро утре за сите нас, бидејќи компаниите се единствените кои создаваат додадена вредност за една економија!“