Македонскиот прехранбен сектор, во кој доминираат компании со мнозински домашен капитал, е еден од секторите кои беше најмалку погоден во пандемијата, дури одредени сектори имаа и раст на извозот. Зголемувањето на цените на суровините и амбалажата, повисоките трошоци за транспорт влијаеа врз работењето на повеќето прехранбени извозни компании, но и покрај тоа голем дел од нив успеаа да ги задржат позитивните трендови во бизнисот и во продажбите дома и во странство, што по кој знае кој пат ја потврдува нивната жилавост и способност да се прилагодат на неочекувани околности.

Но, војната во Украина и екстремниот раст на цените на струјата и гасот им создадоа многу проблеми на извозните компании во македонската прехранбената индустрија.
Рекордно високата инфлација, која е на највисоко ниво во последните десетина години го менува потрошувачкото однесувањето и создава допиолнителни проблеми посебно на извозниите компании кои се натпреваруваат со компании од целиот свет. Потрошувачите се повеќе ги стегаат ремените за секојдневни стоки како што се прехранбени намирници, одбираат поевтини производи и помалку трошат во споредба со претходно.

Многу компании во прехранбениот и земјоделскиот сектор годинава работат со загуба поради огромните зголемувања на трошоците. Поскапена е енергијата, нафтените деривати, ѓубривата, како и стаклото, тетра пак, етикети, картони, лимени конзерви и пластика .

Кои се најголемите македонски извозници на храна?

Најновата едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ покажува дека македонските производители на храна во 2021 година во странство продале производи во вредност од 389,5 милиони евра, што е зголемување за 7,23% или 26 милиони евра повеќе во споредба со извозот остварен во претходната 2020 година.

На годинешната листа ТОП 100 Извозници има 15 компании од прехранбената индустрија, три помалку од 2020 година. Сите 15 прехранбени компании направиле вкупен извоз од околу 141 милиони евра или околу 36% од вкупниот извоз на храна во 2021 година.
Од нив, осум компании извезуваат овошје, зеленчук и преработки, индустрија која се покажа како една од најбрзорастечките извозни индустрии. Седум компании се од кондиторската индустрија, која се покажа како исклучително витална, жилава и пропулзивна извозна индустрија, која успева да изгради респектабилни извозни брендови и добро да се етаблира на пазарите во регионот, но и на многу пазари низ Европа и светот.

Најголем извозник на прехранбени производи веќе неколку години по ред е домашната кондиторска фабрика Макпрогрес од Виница. Извозот на Макпрогрес за 2021 година изнесуваше околу 18,6 милиони евра со што компанијата е рангирана како 38 најголема извозна компанија во земјава. Извозот бележи пад од 2,1%. Станува збор за компанија која од мал семеен бизнис основан пред 30 години, успеа да прерасне во една од една од најуспешните домашни извозни компани со продажби во над  55 земји.

Втора најголема извозна компанија од прехранбениот сектор е домашната компанија Витаминка од Прилеп, една од најголемите и најсупешни прехранбени компании во земјава и регионот, која минатата 2021 година година ја заврши со извоз вреден 14,4          милиони евра, годишен раст од 19%. Витаминка е најголема прехранбена компанија според вкупните приходи кои лани достигнаа 49,6 милиони евра, а 40  најголема извозна компанија на листата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ.

Трет најголем извзозник од прехранбената индустрија со голем скок нагоре се рангира струмичкиот производител на масло за јадење Ал-Макс, со извоз од близу 6,2%, што е годишен раст од 84%.

Четврт најголем извозник од прехранбената индустрија е Пекабеско, производителот на сувомеснати производи, која минатата година ја заврши со извоз од 9,9 милиони евра, годишен раст од 9,6%, со што е рангирана на 52 место на листата 100 најголеми извозници. Пекабеско е една од ретките домашни успешни бизнис приказни, која од своите почетоци како трговска фирма застапник на српски бренд, успеа да изгради производни погони и да стане еден од најголемите производители и извозници на месни преработки на домашниот пазар и во регионот.

Петти најголем извозник на храна е компанијата Баџо од Гевгелија, чиј извоз на овошје и зеленчук во 2021 година достигна 9,5 милиони евра, со што се рангираше на 68 место на листата Топ 100 најголеми извозници.

Шести најголем извозник од прехранбената индустрија е производителот на сладолед Цермат од Битола, која со извоз вреден 9,4 милиони евра се најде на 69 место на листата 100 најголеми извозници.

На листата најголеми извозници на храна годинава се рангирани и кондиторските компании Свисслион со извоз вреден 9 милиони евра, Виталиа со извоз од 8,4 милиони евра, Европа со извоз од 7,45 милиони евра. Следуваат Бимфоод од Прилеп со извоз од 7,21 милион евра, производителот на преработки од овошје и зеленчук Дием од Гевгелија со извоз вреден 6,97 милиони евра, извозникот на јагнешко месо Серта Компани со извоз од 6,89 милиони евра, Тргопродукт, производителот на ајварите и преработки од брендот Мамас, со извоз од 6,5 милиони евра. На последните две места се Метро, извозникот на риба, со извоз вреден 6,49 милиони евра и Макс од Струмица со извоз од 5,57 милиони евра.


Кои се најголеми извозни пазари?

Ако се анализира извозот на храна од аспект на пазарите каде се извезува, тогаш македонските прехранбени производи минатата година најдобро се продавале во земјите од регионот и земјите членки на ЕУ.

Русија повеќе не е меѓу топ 3 најголемите пазари за извоз на македонска храна, откако минатата година извозот на овој пазар се намалил за 26,6% или за близу 7 милиони евра. Падот на извозот во Русија се должи на намалениот извоз на јаболка, но и на други овошја, како праски, кои традиционално се извезуваа на овој пазар.

Најголем раст, пак, на извозот на храна лани имало во Грција од дури 82,7%, пред се заради поголемиот извоз на пченица и јаболка, со што Грција стана седми најголем извозенн пазар за македонските прехранбени производи. Најголем дел или половина од извозот на храна во Грција минатата година отпаѓа на извозот на жита, кој изнесувал 9,7 милиони евра и бележи раст од 183% или 6,3 милиони евра во споредба со претходната 2020 година. Следат кондиторските производи со извоз од 2 милиони евра, исто колку и извозот на овошје, од кои 1,5 милиони евра се само од извоз на јаболка чиј извоз на грчкиот пазар лани се зголемил повеќе од двојно (+120%).

Голем раст на извозот на храна има и во Полска, каде лани се извезени прехранбени производи во вредност од 10,5 милиони евра, што е зголемување од 45% или за 3,2 милиони евра во споредба со претходната година. Најголем дел од извозот на овој пазар е од продажба на зеленчук во вредност од 8 милиони евра, од кои 5,2 милиони евра се од продажба на зелка. Извозот на овошје на полскиот пазар лани изнесувал 1 милион евра, од кои половина отпаѓа на извоз на свежо грозје, додека продажбите на преработки од зеленчук и овошје изнесувале околу 500 илјади евра.