Македонските компании изминатата 2021 година извезле во Грција прехранбени производи во вредност од 18,7 милиои евра, што е раст од 82,7% или 8,5 милиони евра во споредба со претходната 2020 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Анализата на податоците покажува дека извозот на храна од земјава бележи најголем раст токму во Грција, споредено со останатите извозни пазари.
Исто така, извозот на храна на грчкиот пазар лани е најголем во последните 10 година, но се уште далеку под нивото од 2005 и 2006 година кога во Грција се реализирал извоз на храна од Македонија во вредност од околу 26 милиони евра годишно.
Во однос на претпандемиската 2019 година, кога извозот на храна во Грција изнесувал 9,4 милиони евра, продажбите на грчкиот пазар минатата година се зголемени речиси двојно.
Зголемување на извозот има кај повеќе групи на производи, но најголем раст на извозот има кај пченицата и јаболката.
Најголем дел или половина од извозот на храна во Грција минатата година отпаѓа на извозот на жита, кој изнесувал 9,7 милиони евра и бележи раст од 183% или 6,3 милиони евра во споредба со претходната 2020 година.
Во рамки на извозот на жита, најголем бил извозот на пченица во вредност од 4,4 милиони евра, кој лани бил неколкукратно поголем (раст од 475%) во споредба со извозот во 2020 година кој изнесувал само 760 илјади евра. Извозот на пченка во Грција лани изнесувал 3,4 милиони евра и е зголемен за 34% во споредба со претходната 2020 година.
Втора по големина ставка во извозот на прехранбени производи во Грција лани била кондиторските производи. Минатата 2021 година во Грција биле извезени кондиторски производи во вредност од 2 милиони евра, што е годишен раст од 18%.
Извозот на овошје на грчкиот пазар лани изнесувал 2 милиони евра и е зголемен повеќе од двојно (годишен раст од 120%) во споредба со извозот во 2020 година кој изнесувал 920 илјади евра. Најголем дел од зголемувањето на извозот на овошје во Грција лани, всушност се должи на зголеменеиот извоз на јаболка. Статистичките податоци покажуваат дека минатата година на грчкиот пазар лани биле продадени јаболка во вредност од 1,5 милиони евра, што е повеќе од двојно поголема вредност (+125%) од вредноста извезените јаболка во Грција во 2020 година, која изнесувала 680 илјади евра.
Следи извозот на јагнешко месо која лани изнесувал 1,75 милиони евра и е за 67% или околу 700 илјади евра поголем во споредба со 2020 година.
Извозот на зеленчук во Грција лани изнесувал 840 илјади евра и е намален за 17,5% или за 180 илјади евра.
Извозот на преработки од овошје и зеленчук во Грција лани изесувал 725 илјади евра и бележи пад од 3,8%.
Минатата година во Грција било извезено и сончогледо во масло во вредност од 560 илјади евра, додека статистиката покажува дека во 2020 година вопшто немало извоз на македонско масло на соседниот грчки пазар.
И покрај растот на извозот на храна минатата година, македонската економија се уште има дефицит во трговијата со храна со Грција. Статистичките податоци покажуваат дека минатата година од Грција сме увезле храна во вредност од 33 милиони евра, што е зголемување од 7,1% во споредба со увозот во 2020 година.
Вкупниот извоз на стоки од земјава направен минатата 2021 година во Грција изнесувал 205 милиони евра, што е зголемување од 17,3% во поредба со извозот во 2020 година.
Вкупниот увоз, пак од Грција, лани надмина 737 милиони евра и бележи годишен раст од 63%, пред се заради зголемувањето кај увозот на нафтени деривати кој во 2021 година достигна близу 490 милиони евра. Заради големото поскапување на нафтата на светските берзи, вредноста на увозот на нафтени деривати од Грција лани е речиси двојно поголем во споредба со 2020 година.