Трамп повторно ги обвини Европејците за експлоатација на САД.
“Европската Унија е основана „за да ги зафркне САД“. Ова е „целта“ на ЕУ. И тие направија добра работа во тоа“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп за време на состанокот на неговиот кабинет со медиумите, најавувајќи дека многу скоро ќе објави царини за увозот од ЕУ.
„Донесовме одлука. Ќе ја објавиме многу наскоро“, одговори Трамп на новинарско прашање. „Тоа ќе биде 25%, општо земено, на автомобили и сè друго“.
Трамп го критикуваше трговскиот трфицит во трговијата со стоки на САД со ЕУ, тврдејќи дека тој е експлоататорски.
„Тие навистина не искористија. Тие не ги прифаќаат нашите автомобили, не ги прифаќаат во суштина нашите земјоделски производи. Тие користат секакви причини зошто да не ги прифатат, а ние прифаќаме сè од нив“.
На прашањето што ќе се случи кога ЕУ ќе воведе одмазднички царини, тој рече. „Тие не можат. Можат да се обидат, но не можат“.
„Тие можат да го направат тоа и можат да се обидат, но бројките никогаш не можат да се изедначат со нашите, затоа што можеме да тргнеме. Ние сме садот со злато, ние сме оној што сите го посакуваат“, рече тој. „Тие можат да возвратат, но тоа не може да биде успешна одмазда. Едноставно повеќе не купуваме. И ако тоа се случи, ние победуваме“.
Трамп неодамна потпиша наредба за зголемување на царините секаде каде што САД во моментов наплаќаат помалку од своите трговски партнери. Не е важно дали тоа се стратешки конкуренти како Кина или сојузници како Европската унија, според Белата куќа. Царините се уште не се во сила, но Трамп му наложи на својот тим да разработи соодветни казнени мерки.
Европската унија најави брз одговор
Стефан Сежурне, потпретседател на Европската комисија одговорен за индустријата и внатрешниот пазар на ЕУ рече: „Европа ќе реагира веднаш и решително“. Тој, исто така, напиша дека бариерите за фер трговија, особено меѓу партнерите, се неоправдани и им штетат на потрошувачите во САД и ЕУ.
Американскиот претседател ги изненади сите и со нов датум за царини на стоки од Мексико и Канада. Тие треба да стапат на сила на 2 април, објасни Трамп.
На почетокот на февруари, непосредно пред планираното стапување во сила на казнените царини од 25 %, тој прифати отстапки од соседните земји и ги одложи трговските ограничувања за 30 дена. Овој рок ќе значеше дека тарифите ќе стапат на сила на почетокот на март. Новиот датум 2 април укажува на дополнително одложување. Меѓутоа, на новинарско прашање, Трамп не го потврди тоа јасно.
Трамп постојано ги користи царинските акани како преговарачка тактика. Пред неколку дена изјави дека сака да воведе царини од 25% за увоз на автомобили во САД. Конкретно соопштение се очекува за 2 април.