Извозот на стоки од Македонија во месец јули изнесувал 666 милиони евра, што претставува раст од 4,41% во споредба со истиот месец минатата година. Обемот на извезените количини во јули останал речиси на исто ниво како лани, со минимално намалување од 0,4%.
Увозот на стоки од странство во истиот месец се зголемил за 4,08%, надминувајќи 985 милиони евра.
Вкупниот извоз во периодот од јануари до јули годинава изнесува 4,7 милијарди евра, што е раст од 3,11%. Увозот за првите седум месеци надмина 6,6 милијарди евра, со раст од 3,08% во споредба со истиот период лани.
Трговскиот дефицит во првите седум месеци годинава надмина 1,95 милијарди евра, што е зголемување од 1,6% или 30 милиони евра повеќе во однос на истиот период минатата година. Покриеноста на увозот со извоз во истиот период изнесува 70,7%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо учество имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично за возила, авиони или бродови, деловите за седишта и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, како и електричната енергија.
Кои се најголеми извозни пазари во мај?
Анализата по земји за извозот во мај покажува дека Германија е најголем извозен пазар, со извоз вреден 222 милиони евра или 33% од вкупниот извоз во мај. Вредносно, извозот кон Германија бележи благ пад од 0,8%, но обемот на извезени количини бележи раст од 16%.
Втор најголем извозен пазар во мај била Србија (6,1% од вкупниот извоз), со извоз вреден 40,6 милиони евра, што претставува раст од 22% во споредба со истиот месец лани. Трет најголем извозен пазар е Бугарија, со извоз од 38,5 милиони евра, што претставува пад од 8,22%. Следуваат Унгарија – 35 милиони евра (+68,07%), Грција – 34,7 милиони евра (-9,18%), Косово – 32 милиони евра (-1,26%), Чешка – 23 милиони евра (-3,9%), Италија – 19 милиони евра (-7,04%), Словачка – 17 милиони евра (+11,8%) и Полска – 16,8 милиони евра (+137%).
Полска е меѓу пазарите со најголем раст на извозот во јули, заедно со Молдавија (+395%), Ирак (+380%) и Луксембург (+250%).