Шест македонски компании од прехранбената индустрија учествуваат на еден од најголемите меѓународни саемски манифестации на прехранбената индустрија, SIAL, кој се одржuva од 15 до 19 октомври во Париз.

Четири од нив се кондиторски компании, меѓу кои Макпрогрес од Виница, Макс од Струица, Лион од Свети Николе и Жито Пром од Гевгелија. Своите производи на саемот SIAL во Париз ќе ги изложуваат и Кадино Груп, како и производителот на пијалоци Соко Горица од Скопје.

Саемот се организира секоја втора година, а по пауза од четири години поради пандемијата, на овој светски саем ќе се претстават над 7.200 изложувачи од 119 земји со повеќе од 400.000 квалитетни производи.

Пазарот на Франција со околу 67 милиони жители, освен голем потенцијал, за фирмите кои изложуваат бизнисмени претставува и своевиден чекор поблиску кон земјите од Северна Африка. Поранешните француски колонии, земјите од Магреб се уште традиционално, преку трговски врски, се насочени кон францускиот пазар.

Со традиција од речиси половина век, SIAL претставува еден од водечките саеми во индустријата за храна за време на кој производителите и извозниците преговараат за зделки со трговци, купувачи, увозници, дистрибутери, експерти од најголемите трговски синџири на мало во светот и претставници на HoReCa.

SIAL е меѓународен деловен настан за промоција на иновативни решенија и производи, технологии за производство и пакување, како и специјализирани сегменти на храна.

Саемот промовира неколку тематски целини во рамките на десет изложбени павилјони и тоа: национални павилјони и региони во светот, готова храна, замрзната храна, млечни производи, овошје и зеленчук, месо и риба, кондиторски производи, трајни производи, пијалоци, органска храна.
Се очекуваат повеќе од 300.000 професионални посетители, од кои 73% се меѓународни.