14 македонски винарии ќе го претстават македонското вино на еден од најпрестижниот Саем за вино VinItaly, Верона, во рамки на регионалната иницијативата  Отворен Балкан.


Македонскиот премиер  Димитар Ковачевски заедно со премиерите на Србија и Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама во рамки на иницијативата за соработка Отворен Балкан денеска ќе го посетат Меѓународниот саем за вино „VinItaly 2023“, еден од најатрактивните саемски настани за вино во Европа.

На заедничкиот штанд “Wine vision by Open Balkan” своите најдобри вина ќе ги изложат голем број на винарии од Македонија, Албаија и Србија. „Отворен Балкан“ за првпат се сели надвор од регионот со цел да привлече нови посетители во регионот со квалитетни вина. На саемот „VinItaly“, кој се одржува од 2 до 5 април, трите земји ја промовираат Винската визија на „Отворен Балкан“ – настан кој минатата година имаше премиера во Белград, а ќе се одржи повторно овој ноември.

На саемот VinItaly изложуваат околу 4.900 изложувачи, а ќе биде посетен и од неколку стотици професионални купувачи и десетици илјади љубители на виното. Годинава на VinItaly се очекуваат рекорден број учесници, меѓу кои посетители, излагачи и купувачи – увозници, дистрибутери и нивните здруженија кои доаѓаат од Европа, но и од целиот свет – од САД, Централна и Јужна Америка, Африка и Азија.

На заедничкиот штанд ќе бидат претставени повеќе од 200 етикети на најдобрите вина од Македонија, Србија, и Албанија.

„VinItaly“ е водечки саем за вино и алкохолни пијалоци посветен на винските компании на светскиот пазар. Традиционално се одржува во Верона, светската престолнина на виното и има меѓународен карактер.

Саемот е фокусиран на унапредување на односите меѓу производителите, купувачите и засегнатите страни, како и на размена на искуства и вештини. Подготвени се бројни состаноци и дегустации, а овогодинешното издание се фокусира на три клучни области – бизнис, интернационализација и позиционирање.

Вината на штандот Отворен Балкан ќе ги претстават врвни сомелиери од три земји, а ќе биде организиран и мастерклас на кој ќе бидат претставени автохтоните сорти на Балканот.