Во текот на изминатите две децении, светот беше сведок на длабока промена во глобалниот економски и геополитички пејзаж.
Eкономскиот подем на групацијата земји позната како БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), неформална група на земји формирана во 2009 година), придонесе тие со текот на да стануваат сè поголема противтежа на традиционалната доминација на земјите од Г7 групата во глобалната економија.

Спектакуларното економско искачување на Кина особено ја преобликува глобалната трговија, инвестициите и синџирите на снабдување. Производствената моќ на земјата, огромниот потрошувачки пазар и растот поттикнат од иновациите ја издигнаа на првите редови на глобалната економија. Додека Индија е сè уште неколку чекори поназад, нејзиниот огромен пазар и раздвижената технолошка индустрија добро ја позиционираат да стане втората економска суперсила во блокот.
На почетокот на 2024 година во БРИКС се приклучија и Египет, Иран, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати), а на почетокот на 2025 година е потбрдено дека на БРИКС официјално се приклучува и Индонезија.

За растечката економска тежина на БРИКС зборуваат и бројките. Учеството на БРИКС земјите во глобалниот БДП во 2024 година достигна 35% и го надмина учеството од 30% на земјите од Г7 групата.

Додека улогата на БРИКС во глобалната економија и трговија расте, значењето на македонската економија и извоз останува прилично незначаен. Бидејќи бројките јасно покажуваат дека македонската економија се потпира главно на европските пазари и земјите од соседството.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупната трговска размена помеѓу Македонија и Брикс + земјите изнесувала во 2023 година 1,8 милијарди долари, што е 8,7% од вкупната трговска размена на Македонија во 2023 година. Притоа, вкупниот извоз од Македонија во овие десет земји во 2023 година изнесувал близу 190 милиони евра, што е само 2,1% од вкупниот извоз на земјата. Притоа, речиси две третини отпаѓа само на извозот во Кина, кој во 2023 година изнесувал 112 милиони долари, додека втор најголем извозен пазар е Русија со извоз од 48 милиони долари  во 2023 година. Извозот во останатите земји членки на Брикс е многу мал.
Податоците покажуваат дека земјите од ЕУ се најзначаен извозен пазар за македонската економија, каде во 2023 година се пласирале стоки вредни 7 милијарди долари или дури 80% од вкупниот извоз на државата.

Втор по важност пазар е регионот на Западен Балкан, каде во 2023 година бил реализиран извоз од над 1,1 милијарда долари, што е 13% од вкупниот извоз на државата.

Во споредба со овие бројки, земјите од Брикс, со исклучок на Кина, се уште се егзотика за македонските бизнисмени.