Производителот на челик и топловалани челични лимови, Макстил, објави дека започнува инвестициски циклус вреден над 6,4 милиони евра.
Од компанијата информираат дека Одборот на директори го одобрил планот за набавка на основни средства и нови инвестиции со вкупен буџет од 6,4 милиони евра, чија реализација започнува во 2025 година.
Новите инвестиции во основни средства и овие инвестициски проекти надминуваат 10% од капиталот на друштвото. Тие имаат за цел унапредување на ефикасноста на производствените процеси, обезбедување на безбедна работна средина, заштита на здравјето на вработените и подобрување на квалитетот на производите.
Макстил минатата 2024 година ја заврши со приходи од продажба од 135 милиони евра, што е речиси исто ниво како и претходната 2023 година. Од нив 124,3 милиони евра се извоз, кој бележи раст од 3%.
Нето добивката по оданочување на Макстил лани изнесувала близу 4 милиони евра и е намалена за 32% во споредба со претходната година.