
Што треба да прават компаниите, а што државата?
Во изминатите неколку години, од пандемијата на Ковид-19 до денес, бизнисите работат во свет исполнет со постојани турбуленции, економски и политички шокови, кои имаат силно влијание врз редовното работење и им ги зголемуваат речиси сите трошоци за работење.
Војната во Украина, растечката трговска војна помеѓу САД и Кина, ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, забавувањето на европската економија, инфлацијата, зголемувањето на платите, бројните прекини и нарушувања во снабдувањето и транспортот, како и останатите геополитички ризици, ги принудија фирмите да направат многу значајни стратешки промени и прилагодувања. Тие мораа да ги разгледаат пристапите кон своите синџири на снабдување, пазарите од кои се снабдуваат со суровини и репроматеријали, целните извозни пазари на кои ги продаваат своите производи, како и да направат оптимизација на сите процеси со цел да ги направат поефикасни и поконкурентни.
Главниот фокус на носителите на економските политики, но и на бизнисмените, треба да биде како предизвиците што ги носат новите глобални околности и промени за Македонија и македонските бизниси, почнувајќи од нарушувањата во синџирите на снабдување, прилагодување кон зелена економија и дигиталната трансформација, да се претворат во можности и да се искористат за напредок.
Она што ќе биде клучно за успех во извозот и бизнисот во следниот период е како да се остане конкурентен.
Кога се зборува за конкурентноста на компаниите, таа може да се гледа од два аспекта. Првиот е што секоја компанија може и треба да направи за да ја зголеми продуктивноста и конкурентноста. Менаџментот на компанијата е должен да ја направи компанијата што е можно поефикасна, подобро да управува со неа, да го направи системот што е можно поефикасен, со цел да остварува поголеми приходи, но во исто време да биде одржлив.
Сите македонски извозни компании, кои беа анкетирани за потребите на оваа едиција, потврдија дека во изминатите две-три години се соочиле со нестабилни пазари и редефинирана побарувачка, инфлација, зголемени трошоци за производство и прекини во глобалните синџири на снабдување, кои им предизвикале бројни проблеми и големи доцнења во обезбедувањето на потребните суровини, доцнења во транспортот на производи, зголемени транспортни трошоци и зголемени трошоци за чување на поголеми залихи на суровини.
Речиси сите го почувствувале забавувањето на европската економија, која е традиционално најголем извозен пазар за македонската економија, преку намалување на побарувачката за нивните производи. За да ги надминат предизвиците во нестабилното глобално деловно опкружување, се фокусирале на неколку нивоа: диверзификација на извозните пазари надвор од традиционалните пазари на земјите од ЕУ, развој на приспособени и иновативни бизнис модели и нови производи, поголеми инвестиции во нови технологии, дигитализација, автоматизација и одржливо работење со цел намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста и продуктивноста во работењето.

Како резултат на бројните нарушувања, компаниите биле особено посветени на преиспитување на синџирите на снабдување со цел да ги направат поотпорни на прекини и шокови, изнаоѓање на нови и повеќе снабдувачи, скратување и локализација на синџирите на снабдување и обезбедување на суровините од поблиски локации. Дополнително, обезбедувале поголеми залихи за да се заштитат од високите скокови во цените на суровините.
Со цел заштеда на енергија и заштита од високите цени на енергенсите, многу од извозните компании пристапија кон долгорочни инвестиции во поставување фотоволтаични централи и користење на енергија од обновливи извори на енергија.
Што може да направи државата?
Вториот аспект на конкурентноста на компаниите и економиите зависи од опкружувањето, даночната политика и институционалниот контекст, кои наметнуваат повисоки или помали трошоци за работењето и економијата.
Во овој дел државата има обврска да води политика насочена кон поттикнување на растот на компаниите, особено раст на извозот.
За мали економии, како Македонија, која се соочува и со изразени негативни демографски трендови, од суштинско значење за постигнување побрз и поголем економски раст е фокусирањето на извозот, односно продажба на стоки и услуги надвор од националните граници. Тоа е единствениот начин за надминување на ограничувачкиот мал домашен пазар и единствената движечка сила која може да ја придвижи економијата напред.
Извозните компании се најдоброто од македонската економија, односно шампионите на македонската економија, кои го предводат нејзиниот развој. Тие повеќе инвестираат, имаат поголема продуктивност, се поефикасни, исплаќаат повисоки плати и се попрофитабилни. Присуството на светскиот пазар, каде владее силна конкуренција, ги принудува производителите и давателите на услуги да инвестираат во зголемување на сопствената продуктивност и конкурентност, да бидат иновативни, да ги следат современите трендови, да ги исполнуваат еколошките стандарди, повисоките стандарди за квалитет и постојано да инвестираат во сопствениот развој.

Со заеднички напори со извозните компании, целокупната економија станува поконкурентна и поразвиена. Се зголемуваат приливите на девизи, се подобруваат можностите за вработување и зголемување на платите, како и животниот стандард.
Токму поради големото значење што извозот го има за националните економии, многу држави се одлучуваат да го поддржуваат и стимулираат извозот и да ја зголемат неговата конкурентност на директен или индиректен начин.
Многу држави користат различни форми за поттикнување на извозните активности, обезбедувајќи финансиска поддршка за оние кои континуирано инвестираат во производство, истражување и развој, како и во зголемување на извозните активности. Тие овозможуваат олеснување на излезот на фирмите на странски пазари, обезбедуваат разни заеми со поповолни услови, даночни поволности и ослободувања, извозни стимулации, царински олеснувања, грантови и слично.
Инвестирањето во инфраструктура и логистички центри е уште еден домен во кој државата може сериозно да влијае за зголемување на конкурентноста на извозниците преку намалување на транспортните и логистичките трошоци при настапот на странски пазари.
Зголемувањето на странските инвестиции е исто така важен аспект што може да го зголеми извозот, било преку привлекување нови инвеститори или зголемување на инвестициите од постојните инвеститори. Трендот на преселување на производството поблиску до целните пазари и скратувањето на синџирите на снабдување веќе е започнат, но со конкретни мерки може да се искористи за привлекување на нови производни и извозно ориентирани инвестиции.
Но, она што е пресудно за успешното работење на секоја извозна компанија и за зголемување на извозот, е на матичниот домашен пазар да постои стабилна и предвидлива бизнис-клима, ефикасен правосуден систем, помалку бирократски процедури, конкурентни трошоци за производство, достапни цени на енергенси и ниски даноци.
Деглобализацијата, стареењето на населението и климатските закани би можеле да ги намалат производствените капацитети, правејќи ја понудата помалку еластична и на тој начин создавајќи „свет со поголема склоност кон инфлација“. Од друга страна, брзиот напредок во технологијата, како вештачката интелигенција, не само што може да го ублажи влијанието на овие негативни сили, туку и да го подигне потенцијалот за раст. Сепак, овие трансформации бараат добро поставени реформи и заедничка работа на бизнисите и државата, со цел да се зголеми отпорноста на економиите и нивната конкурентност.
Економското забавување на Европа и структурната криза во која се наоѓа германската економија треба да послужат како лекција за Македонија. Слабото прилагодување на промените во светската економија, високите трошоци на производство, скапите енергенси и преголемата бирократија можат да ја намалат продуктивноста и конкурентноста на економијата и компаниите, да го намалат извозот и инвестициите, производството и да ја поткопаат индустријата. На крајот, без приходите од компаниите, ниту едно општество не може да биде одржливо, ниту да има одржлив здравствен, образовен и социјален систем.