Неколку европски фабрики за делови го прекинаа производството поради недостиг на ретки земни метали предизвикан од воведувањето ограничувања на извозот од страна на Кина, соопшти европското здружение на добавувачи на автомобили CLEPA, при што ситуацијата веројатно ќе се влоши, објавува Automotive News.
Од стотиците барања за извозни лиценци поднесени од добавувачите на автомобили од почетокот на април, само една четвртина се одобрени досега, додаде CLEPA, а некои барања се одбиени врз основа на она што здружението го опиша како „многу процедурални причини“.
Одлуката на Кина во април да го суспендира извозот на широк спектар на ретки земни елементи и сродни магнети ги пoремети синџирите на снабдување кои се централни за производителите на автомобили, производителите на воздухопловство, компаниите за полупроводници и воените изведувачи низ целиот свет.
Марош Шефковиќ, шеф за трговија на Европската унија рече дека веќе го информирал својот кинески колега за загриженоста на целата индустрија во врска со кинеските извозни ограничувања на ретки земни метали и магнети.
„Го информирав мојот кинески колега за алармантната ситуација во европската автомобилска индустрија, но и во целата индустрија, бидејќи очигледно ретките земни метали и трајните магнети се апсолутно неопходни за индустриското производство“, рече тој.
Комесарот за трговија на ЕУ ја опиша ситуацијата како „екстремно деструктивна“.
Овој потег ја нагласува доминацијата на Кина во критичната минерална индустрија, клучна за транзицијата кон зелена енергија, и се смета за предност од страна на Кина во нејзината трговска војна со американскиот претседател Доналд Трамп.
Кина произведува околу 90% од ретките земјини метали во светот
„Мораме да ги намалиме нашите зависности од сите земји, особено од голем број земји како Кина, од кои сме повеќе од 100% зависни“, рече еврокомесарот за индустриска стратегија, Стефан Сежурн.
„Кинеските ограничувања на извозот на овие метали ја зголемуваат нашата волја за диверзификација“, рече тој додека Брисел идентификуваше 13 нови проекти надвор од блокот насочени кон зголемување на залихите на метали и минерали неопходни.
Шефот на производство на Mercedes-Benz, Јерг Бурцер, изјави дека разговара со главните добавувачи на производителот на автомобили за изградба на „тампон-зони“, како што се залихите на ретки метали, за заштита од потенцијални закани за снабдувањето.
BMW изјави дека дел од неговата мрежа на добавувачи е засегнат од недостигот, но дека неговите сопствени фабрики работат нормално.