„Домашната инфлација е значително намалена во однос на врвот од крајот на 2022 година и е сведена на едноцифрено ниво. Просечната инфлација во 2025 година досега се движи околу 4%, а врз основа на сите расположливи претпоставки и мерките преземени досега од Народната банка, очекуваме дека инфлацијата ќе забавува во следниот период и ќе се приближи кон историскиот просек.“ Ова го порача вицегувернерката Ана Митреска на Конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, под наслов „Back to business (Повторно на работа):Економскиот потенцијал и развојните можности за Македонија“, посочувајќи дека Народната банка, во услови на ризици и неизвесност, и натаму ќе биде доследна во своите напори за навремено приспособување на политиките.
На Конференцијата стана збор и за состојбите во домашниот банкарски систем, при што се заклучи дека тој е сигурен, стабилен и отпорен. „Банкарскиот систем не само што ја задржа стабилноста и сигурноста во вакви околности, туку и дополнително ја зајакна својата отпорност. Солвентноста на банкарскиот систем изнесува од 19,6%, што е највисоко ниво од 2006 година наваму, а ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио се солидни, поради што системот е подготвен за ублажување на потенцијалните шокови“, посочи вицегувернерката Митреска.
Во однос на светската геоекономска фрагментација и потребата за поголема регионална интеграција, според Митреска, поголемото регионално економско поврзување не треба да се сфаќа како оддалечување или намалување на зависноста од светските текови, туку како алатка којашто на регионот ќе му овозможи поголема конкурентност. Во оваа смисла, таа го истакна и вклучувањето на нашата земја и на уште неколку земји од регионот во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поефикасни и поевтини плаќања, придонесувајќи за поголема економска поврзаност на регионот, негова поголема конкурентност и за побрза конвергенција кон доходот на ЕУ.




























