Меѓународниот аеродром „Скопје“ доби акредитација за управување со емисии на јаглерод – ниво 3 од Меѓународниот совет на аеродроми (Airport Council International – ACI), глобална трговска организација, која ги претставува аеродромите во светот и работи на подобрување на безбедноста, ефикасноста и на одржливоста во воздухопловството, во рамките на нивната глобална програма Airport Carbon Accreditation – ACA.
Акредитацијата за управување со емисии на јаглерод на аеродромите е единствена институционално одобрена глобална програма за сертификација за управување со емисии на јаглерод за аеродромите, која им помага да управуваат и да ги намалат емисиите на јаглерод во согласност со меѓународните стандарди. Независно ги проценува и признава напорите на аеродромите за управување и намалување на нивните емисии на јаглерод преку седум нивоа на сертификација: ниво 1, ниво 2, ниво 3, ниво 3+, ниво 4; ниво 4+ и ниво 5.
„ТАВ Македонија“, кој го управува Меѓународниот аеродром „Скопје“, соопшти дека сертификацијата ниво 3 е „потврда дека скопскиот аеродром ефикасно управува и ги намалува своите емисии на јаглерод и во исто време активно ги ангажира и своите партнери во нивното управување со емисиите на јаглерод“.
– Овие акредитации се јасна потврда за посветеноста на „ТАВ Македонија“ кон одговорно управување со животната средина и примената на најдобрите меѓународни практики во одржливото воздухопловство. Достигнувањето на ниво 3 за Меѓународниот аеродром „Скопје“ претставува значаен напредок во нашите напори за намалување на влијанието на јаглеродот и подобрување на енергетската ефикасност со цел да се обезбеди одржлива иднина за македонското воздухопловство – изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“ и членка на Групацијата АДП.
За да се постигне ова ниво, стои во соопштението, Меѓународниот аеродром „Скопје“ спроведе низа значајни мерки: имплементација на програма за енергетска ефикасност и мониторинг во согласност со меѓународните методологии, надградби на системите за осветление на јавната и воздухопловната зона со високоефикасни ЛЕД-инсталации, воведување програми за оптимизација и унапредување на енергетските перформанси на системите за греење, вентилација, климатизација, распоредување хибридна аеродромска опрема и поддршка во транзицијата кон еколошки прифатлив возен парк, зголемување на производството и на набавката на обновлива енергија, заеднички иницијативи со авиокомпании и даватели на услуги, како и воспоставување платформа за засегнати страни за климатска акција за споделување податоци, мониторинг на перформансите и координација на плановите за намалување.
Како што информира „ТАВ Македонија“ по повод добиената акредитација, Оливие Јанковец, генерален директор на ACI EUROPE, изјави дека „достигнувањето ниво 3 во програмата за акредитација за управување со емисии на јаглерод на аеродромите за помалку од една година по приклучувањето кон програмата е значајна пресвртница во патувањето за декарбонизација на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’“.
– Со оптимизирање на потрошувачката на енергија, зголемената употреба на електрична аеродромска опрема и инвестирање во инфраструктура за полнење електрични возила, аеродромот ги поставува темелите за долгорочно намалување на емисиите на јаглерод. На ниво 3 аеродромот исто така го проширува опсегот на своето влијание во емисиите на јаглерод со опфаќање на јаглеродните емисии и од трети страни, притоа зајакнувајќи го својот пат кон целта за достигнување нулта нето-емисии на јаглерод до 2050 година. Честитки до целиот тим на „ТАВ аеродроми“ – порача Јанковец.
Преку ова достигнување, посочува „ТАВ Македонија“, Меѓународниот аеродром „Скопје“ „ја зајакнува својата посветеност на долгорочна климатска одговорност и е во согласност со целите на ‘ТАВ аеродроми’ за постигнување јаглеродна неутралност до 2030 година и нулта нето-емисии на јаглерод до 2050 година на сите аеродроми во рамките на Групацијата“.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
Нa гала настан ACI во Гуанжу, КИНА: Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби престижната награда



























