Во понеделник, на 20 април 2026 година во просториите на Стопанската комора на С.Македонија ќе се одржи Македонско-казахстански бизнис-форум, посветен на унапредување на економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан.
Бизнис форумот претставува значајна можност за воспоставување нови деловни контакти, развој на партнерства, како и за идентификување на конкретни проекти и инвестиции од заеднички интерес, со цел унапредување и продлабочување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Казахстан.

На настанот како дел од делегација ќе учествуваат компании од Република Казахстан од следните сектори: трговија и извоз / надворешно-економски односи, инвестиции и туризам, градежништво и инфраструктура, прехранбена индустрија, лесна индустрија и мода, здравствени услуги, металопреработувачка и машинска индустрија, енергетика и рударски сектор, земјоделство и агро-индустрија, дрвна и печатарска индустрија.

Во рамки на настанот ќе бидат потпишани следниве договори:

• Договор за основање на Бизнис совет помеѓу Комората за меѓународна трговија на Казахстан и Стопанската комора на Северна Македонија

• Меморандум за соработка помеѓу Центарот за развој на трговска политика „QazTrade“ и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

Има голем потенцијал за поголема економска соработка

Иако трговската размена меѓу двете земји е мала, постои голем потенцијал за зголемување на соработката, особено во делот на енергетиката, фармацијата, земјоделството и прехранбената индустрија и рудаството.

Компанијата “Алкалоид” во 2024 година отвори своја подружница во градот Алмати во Казахстан, со цел да го искористи потенцијалот кој го нуди растечкиот фармацевтски пазар на оваа централно-азиска земја, а кој се проценува на околу 2 милијарди евра. Анализата на податоците од Државниот завод за статистика покажува дека лековите се најизвезуван македонски производ во Казахстан.

На страната на увозот од Казахстан во Македонија, доминираат минералните горива и масла.

Подемот на Казахстан во голема мера се должи на неговите огромни резерви на нафта, гас, ураниум и минерали, кои продолжуваат да го поткрепуваат извозот. Во исто време, земјата ја диверзифицира својата економија преку развивање индустрии кои произведуваат стоки со повисока вредност.
Казахстан е најголема економија во Централна Азија со 20,6 милиони жители. Локацијата на земјата помеѓу Европа и Азија ја прави важен трговски центар и носи геополитичка моќ.

Казахстан е на пат да стане најбогатата земја во постсоветскиот простор во однос на БДП по глава на жител, што претставува значаен напредок за централноазиската нација, која сега ги престигна традиционално посилните економии.

Според новите податоци од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), БДП по глава на жител на Казахстан, од 14.770 долари, ќе ги надмине 14.260 долари на Русија и 13.340 долари на Туркменистан, како и 13.690 долари на Кина.

ПОВРЗАНИ НАПИСИ:

Казахстан ги престигна Русија и Кина по БДП по глава на жител

Aлкалоид го освојува азискиот контиент: Отворена подружница во Казахстан