AHK Северна Македонија, дел од глобалната мрежа на германските стопански комори во странство, денеска заедно со Македонско-Германското стопанско здружение го организираше вториот German–Macedonian Business Summit 2026 во Скопје. Под мотото „ „Применетите технологии и дигитализацијата како двигатели на економскиот развој на Северна Македонија“, самитот собра околу 400 учесници, повеќе од 250 компании, како и високи претставници од бизнис секторот, политиката и институциите од Северна Македонија, Германија и регионот.
По успешната премиера во 2025 година, самитот за кратко време се етаблираше како централна платформа за економски дијалог помеѓу Германија и Северна Македонија. Целта на овој Самит е јасна: поврзување на компаниите, носителите на одлуки и институциите со цел развивање конкретни решенија за зголемување на конкурентноста на Северна Македонија како бизнис дестинација и натамошно унапредување на германско-македонските економски односи.
Во фокусот на овогодишната програма беше прашањето како Северна Македонија може поефикасно да ја искористи технолошката трансформација за зголемување на продуктивноста, поттикнување на иновациите и зајакнување на својата позиција во европските синџири на добавувачи. Се дискутираше за индустриска автоматизација, дигитални синџири на снабдување, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, современи работни процеси, како и квалификација на кадарот во услови на дигитална трансформација.
„Дигитализацијата, применетите технологии и вештачката интелигенција одамна не се теми на иднината, тие веќе денес одлучуваат за конкурентноста, продуктивноста и атрактивноста на една земја, колку таа како пазар ќе биде атрактивна за привлекување на нови инвестиции. Северна Македонија има голем потенцијал, но неопходно е континуирано и посветено инвестирање во иновации, квалификација и дигитална инфраструктура“, истакна Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, дел од прежата на германските комори.
Германија и понатаму останува еден од најзначајните економски партнери на земјата. Германските компании со години се меѓу најважните инвеститори во Северна Македонија и имаат значаен придонес во воведувањето современи производствени стандарди, нови технологии, дуалнен модел на образование по германски стандарди и иновативни менаџмент структури. Многу од овие компании денес се предводници во автоматизацијата, дигитализацијата и примената на вештачката интелигенција, давајќи силен поттик за развојот на целокупната локална економија.
Воедно, на Самитот беше потенцирано дека Северна Македонија не се потпира само на странски инвестиции и партнерства, туку сè повеќе развива и сопствени технолошки капацитети. Особено ИКТ секторот добива сè поголемо значење за економскиот развој на државата. Денес околу 22% од вкупниот извоз на Северна Македонија е од областа на информатичко-комуникациските технологии. Овој сектор е еден од најдинамичните во земјата и со години бележи континуиран раст на извозот и стабилен трговски суфицит. Во 2025 година, Северна Македонија увезе ИКТ услуги во вредност од 197 милиони евра, а извезе во висна од 438 милиони евра.
Овие показатели потврдуваат дека Северна Македонија не е само атрактивна производствена дестинација, туку има потенцијал да се позиционира и како регионален центар за дигитални иновации, ИТ услуги и технолошки напредни бизнис модели.

Еден од најзначајните моменти на Самитот беше учеството на премиерот Христијан Мицкоски, кој ја нагласи важноста на технолошката модернизација за економската иднина на земјата:
„Северна Македонија се позиционира како атрактивна дестинација за инвестиции и иновации. Тесната соработка со Германија претставува клучен елемент на нашиот економски развој. Ние се фокусираме на реформи, стабилност и современи технологии со цел обезбедување одржлив економски раст“, изјави Мицкоски.
Во контекст на глобалните неизвесности, растечките цени на енергијата, предизвиците во меѓународните синџири на снабдување и актуелната состојба во европската автомобилска индустрија, Самитот уште еднаш ја потенцираше важноста од блиска и доверлива соработка помеѓу политиката и бизнис секторот.
„Токму во економски предизвикувачки времиња се потребни силни партнерства. На компаниите им се потребни стабилни услови, прагматични решенија и отворен дијалог со носителите на политички одлуки. Токму затоа сакаме како Германска комора да создадеме платформа и истовремено активно да ги поттикнуваме клучните теми за идниот развој“, изјави Ванделт.
Дополнителен акцент на настанот беше доделувањето на German–Macedonian Business Award 2026, признание за компании кои преку иновативност, дигитална трансформација и посветеност во развојот на квалификуван кадар поставуваат нови стандарди.
Со организацијата на вториот German–Macedonian Business Summit, АХК Северна Македонија уште еднаш ја потврди својата улога не само како двигател на билатералните економски односи, туку и како активен партнер во унапредувањето на конкурентноста и идниот развој на Северна Македонија.


























