Швајцарската комора во Северна Македонија (СвисЧам МК) и Mediterranean Shipping Company (MSC) со поддршка на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) организираа практична работилница или ReeferMaster Class во Гевгелија посветена на најновите решенија и трендови во транспортот со контејнери ладилници, фокусирајќи се на најновите пазарни трендови и практични решенија за предизвиците во регионалните синџири на снабдување.

Работилницата ја отвори Сања Радовановиќ, извршна директорка на MSC Македонија и заменик претседателка на Швајцарската комора во Северна Македонија, која нагласи дека Kомората е формирана како платформа за поврзување на швајцарските и македонските компании, со јасна цел – унапредување на извозот, промоција на добрите практики и поттикнување на одржлив економски развој.


Овој настан има големо значење заради тоа што ја отсликува заложбата на СвисЧам МК и MSC, преку соработка, знаење и практични решенија да се овозможи конкретна поддршка на бизнис заедницата преку полесен пристап на компаниите до странските пазари со цел зголемување на извозот и јакнење на нивната конкурентност. Во тој процес, прецизната и сигурна логистика, особено кога станува збор за рифер транспортот, има клучна улогa”, изјави Радовановиќ

Михал Харари, заменик шеф на мисија во Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија ја истакна важноста на СвисЧам МК, како значајна платформа за градење партнерства и отворање нови можности за трговија преку синергија со програмите поддржани од Швајцарската амбасада, како што е Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, кои придонесуваат за зголемување на конкурентноста.

Харари потенцираше дека Швајцарија и понатаму останува посветена на поддршка на иницијативи што ја зајакнуваат деловната експертиза, ја поттикнуваат трговијата и ја зголемуваат конкурентноста на пазарот.

Мастер класот го реализирше Љиљана Лукиќ, експертка за фриго логистика од MSC Србија, која сподели конкретни практики и решенија за управување со температурно-чувствителни производи, со фокус на најновите трендови и практики во фриго логистиката, од големо значење за извозно ориентираните компании
На работилницата учествуваше и Драган Ивановски од Царинската управа кој ги презентираше активностите и реформите кои царинските служби ги прават за поедноставување и дигитализација на извозните процедури.

Контејнерите-ладилници нудат сигурен транспорт за чувствителни производи

За секој производител и извозник на овошје, зеленчук, месо, лекови, сладолед, цвеќиња или други температурно чувствителни производи, транспортот претставува еден од најголемите предизвици. Клучното прашање е како стоката да пристигне до крајниот купувач без да ја изгуби свежината, квалитетот и безбедноста – особено кога станува збор за извоз на подалечни пазари.

Рифер работилницата во Гевгелија ги опфати сите клучни аспекти на транспортот на стока под контролиран температурен режим, неопходни за негово безбедно и сигурно извршување.


Како решение за сигурен транспорт и извоз на чувствителните производи беа презентирани можностите кои ги нудат контејнерите-ладилници или т.н reefer containers на најголемата бродарска компанија MSC, кои овозможуваат транспорт на стоки под контролиран температурен режим, од почетокот до крајот на транспортот на стоката од производителот до крајниот купувач. 

MSC со својата флота на бродски контејнери ладилници нуди транспортни решенија од врата до врата и дополнителни услуги како утовар, царинење, осигурување, дигитално следење на товарот и сл. Процесот започнува со доставување на контејнерот директно до производителот, каде се врши товарење на стоката. Потоа се подесуваат оптимални услови за температура и складирање, по што контејнерот се затвора и се пломбира. Во следната фаза, контејнерот се транспортира и се утоварува на контејнерски бродови на MSC. Благодарение на континуираното напојување со електрична енергија и контролираниот температурен режим, стоката останува во свежа и идеална состојба сè до нејзината крајна дестинација”, објаснува Лукиќ.

Таа потенцира дека ваквиот начин на транспорт им овозможува сигурност на производителите и извозниците дека нивните производи ќе пристигнат свежи и со зачуван квалитет, дури и при извоз на далечни пазари или прекуокеански земји.

Експертката за фриго логистика од MSC Србија пред присутните претставници од повеќе компании од индустријата за овошје и зеленчук детално ги презентираше клучните аспекти – температура, вентилација, правилно пакување на стоката и нејзино товарење во контејнерот.

Со флотатата на рифер контејнери на MSC може да се превезува од 21 до 28 тони стока по контејнер, многу повеќе од количините што може да се транспортираат со камионските ладилници. Тоа упатува на заклучок дека бродскиот транспорт со контејнери- ладилници е најисплатлив и најевтин по тон превезен товар.
Секој ладилник- контејнер, пред да товари со стока, најпрвин задолжително се проверува дали е исправен. Во секој контејнер постои уред за подесување и одржување на температурата, влажноста, вентилацијата, соодветно на стоката која се превезува и според насоките на производителот и купувачот.

Благодарение на континуираното напојување со електрична енергија за време на целиот транспорт, било на пристаниште или на брод, производите остануваат свежи и го задржуваат својот квалитет.

Температурниот режим на контејнерот- ладилник мора да биде прецизно дефиниран и прилагоден за секој конкретен производ. На пример, при транспорт на јаболка до Блискиот Исток, во еден контејнер може да се групираат јаболка од повеќе производители, но не и различни видови овошје, бидејќи бараат различни температурни услови.

Експертката на MSC истакна дека компанијата работи на иновативни дигитални решенија што им овозможуваат на клиентите во секое време да имаат увид во локацијата на контејнерот и во состојбата на поставените температурни параметри.
За таа цел, во март 2025 година е имплементирана опцијата iReefer – најнапреден систем за следење на ладилни контејнери, кој им овозможува на клиентите да ги следат и контролираат своите пратки со контролирана температура во реално време, од кое било место во светот.

За посигурен транспорт на стоката, MSC на клиентите им нуди и проширена заштита (extended protection), односно вид транспортно осигурување од ризици при транспорт, по прифатливи цени. Не помалку важен е и електронскиот товарен лист, базиран на блокчејн технологија, кој е достапен и на македонскиот пазар.

Настанот беше можност компаниите да се информираат за предизвиците со кои се соочуваат во транспортот и заедно да разговараат за најдобрите можни решенија за транспорт од врата до врата, со цел чувствителните стоки да пристигнат на дестинацијата со непроменет квалитет.

На работилницата беше најавена и Извозната конференција, која се планира да се одржи во ноември годинава, со поддршка од Швајцарската Програма ИМЕ, а ќе биде фокусирана на извозот и на значењето на логистиката како предуслов за успех на меѓународните пазари.

MSC покрај транспорт може да нуди и поврзување со увозници и отворање нови извозни пазари


Како дополнителна и значајна предност од соработката со MSC, на настанот беше презентирана и можноста за отворање нови извозни пазари за македонските компании преку нивно поврзување со заинтересирани купувачи во странство.

Со оглед на глобалната присутност на MSC во дури 155 земји, во можност сме да ги поврзуваме добавувачите и купувачите. Компаниите што се заинтересирани за извоз на своите производи можат да ни се обратат, а ние ќе обезбедиме нивно поврзување со увозници на конкретен пазар, со цел воспоставување соработка“, вели Лукиќ, истакнувајќи дека ова претставува значајна предност за извозните компании кои сакаат да обезбедат влез и пласман на нови, подалечни и нетрадиционални пазари.

Токму оваа можност, заедно со фактот дека MSC нуди транспортни и логистички решенија „од врата до врата“, се клучни причини поради кои ако извозните компании ја изберат оваа услуга би имале сигурен и безбеден транспорт на своите производи.

Од MSC посочуваат дека меѓу најчесто извезуваните производи со ладилни контејнери се овошјето и зеленчукот, пијалаците, сладоледот, пекарските производи, фармацевтските производи и виното. Најголеми извозни пазари се Северна Америка, Велика Британија, Скандинавија, Балтичките држави, арапските земји и Израел.

MSC е глобален лидер во контејнерскиот транспорт, со најголема флота на бродови и удел од околу 20% во вкупниот превоз на товар на светско ниво. Компанијата има мрежа на подружници во 155 земји, а на македонскиот пазар е присутна повеќе од 20 години.


Што прави Царинската управа за олеснување на трговијата?

Драган Ивановски од Царинската управа ги презентираше активностите што ги преземаат царинските служби за олеснување на трговијата, зголемување на ефикасноста, скратување на времето на царинските постапки, намалување на трошоците и создавање предвидливи услови за работа на бизнис-заедницата.

Во април годинава Царинската управа ја донесе новата Национална стратегија за периодот 2026–2028 година. Во неа се поставени четири стратешки приоритети: наплата на приходи, олеснување на трговијата, заштита на општеството и инфраструктурен и организациски развој. Царинската управа континуирано работи на усогласување на царинското законодавство со законодавството на ЕУ. Особено внимание во последните години се посветува на дигитализацијата и напуштањето на хартиеното работење“, изјави Ивановски.

Како важен аспект тој ја посочи регионалната соработка и т.н. зелени коридори, кои беа воведени за време на ковид-кризата со цел да се овозможи побрз проток на приоритетна стока преку границите. „По завршувањето на кризата, листата на стоки ја заменивме со категорија чувствителна стока, како овошје и зеленчук. На пример, кога македонски извозник со ваква стока влегува во Србија, царинските служби веќе имаат информации за камионот уште од моментот кога е царинет во Гевгелија и знаат дека станува збор за приоритетна пратка“, објасни тој.

Во однос на извозот и увозот на земјоделски производи, за кои се потребни сертификати од други институции, Ивановски посочи дека се работи на нов едношалтерски систем. Тој ќе овозможи и напреден систем за проценка на ризик, со што нема секоја пратка да биде предмет на контрола. Паралелно, Царинската управа работи на дигитализација на услугите и постапките, со цел дополнително забрзување на процедурите и протокот на стоки низ границите.