Извозот во април порасна за 16%, но трговскиот дефицит се продлабочи за 34%

17

Во текот на април од Македонија биле извезени 335 илјади тони стоки во вредност од 784 милиони евра. Вредноста на извозот во април бележи раст од 16,3% во споредба со истиот месец лани, додека извезените количини се зголемени за 9,1%.

Во истиот период, увозот изнесувал 1,16 милијарди евра, што претставува раст од 21,7% во однос на април минатата година. Покриеноста на увозот со извозот во април изнесувала 67,6%, што е намалување во споредба со 70,7% колку што изнесувала во април лани. Трговскиот дефицит достигнал 375 милиони евра и е зголемен за 34% во однос на истиот месец минатата година.

Најголем придонес во извозот и натаму имаат хемиските производи. Во април годинава од Македонија биле извезени хемиски производи во вредност од 264 милиони евра, што претставува раст од 44% на годишно ниво. Со тоа, повеќе од една третина од вкупниот извоз во земјата се должи на оваа извозна група.

Втора најголема извозна ставка се машините и транспортните уреди, со извоз во вредност од 231 милион евра, што е зголемување од 8,2% во споредба со април минатата година.

Од друга страна, извозот на прехранбени производи бележи намалување. Во април биле извезени прехранбени производи во вредност од 58,3 милиони евра, што е за 6% помалку во споредба со истиот месец лани.

Негативниот тренд продолжува и кај извозот на железо и челик. Во април извозот на овие производи изнесувал 46,2 милиони евра, што претставува пад од 3,7% на годишно ниво.

Извозот на тутунски производи во април изнесувал 14,7 милиони евра, што претставува пад од 20% во споредба со истиот месец минатата година.

Во април годинава биле извезени и фармацевтски производи во вредност од 14 милиони евра, што е за 13% повеќе во однос на април лани. Растот на извозот на фармацевтски производи ја потврдува стабилната позиција на македонската фармацевтска индустрија на странските пазари и нејзиниот сè поголем придонес во вкупниот извоз на земјата.

Извозот пораснал за 7% во првите четири месеци

Во периодот јануари–април 2026 година, извозот на стоки од Македонија достигнал 2,78 милијарди евра, што е раст од 7% во споредба со истиот период лани.

Во истиот период биле увезени стоки во вредност од 3,95 милијарди евра, што претставува зголемување од 5,9% на годишно ниво.

Трговскиот дефицит во првите четири месеци од годинава надминал 1,167 милијарда евра (раст од 4% во споредба со истиот период лани), додека покриеноста на увозот со извозот изнесувала 70,4% повисоко во споредба со покриеноста од 69,8% во споредба со првите четири месеци од 2025 година.

Германија останува најголем извозен пазар

Германија и натаму е најголем извозен пазар за македонските компании, но учеството во вкупниот извоз се намалува. Во април на германскиот пазар биле пласирани стоки во вредност од 283 милиони евра, што претставува раст од 17,2% во споредба со истиот месец лани. На Германија отпаѓаат околу 36% од вкупниот македонски извоз во април.

Втор најголем извозен пазар е Косово, каде извозот достигнал 47,3 милиони евра, што претставува значителен раст од 62,8% на годишно ниво.

Следуваат Србија со извоз од 45,8 милиони евра (+25,8%), Бугарија со 45,4 милиони евра (+14,7%) и Полска со извоз од 43,1 милион евра. Полска е пазарот со највисока стапка на раст на македонскиот извоз во април, со скок од дури 221% во споредба со истиот месец минатата година.