Макпрогрес, најголемиот македонски извозник на прехранбени производи, денеска официјално ја пушти во употреба новата фабрика за производство на вафли од брендот „Винчини“, инвестиција вредна 8,5 милиони евра.

На свеченоста присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, градоначалникот на Виница Митко Костадиновски, како и бројни претставници од бизнис-заедницата.

Новата фабрика располага со две современи производствени линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи и ќе овозможи зголемување на производствените капацитети за околу 30%. Инвестицијата треба дополнително да го зајакне извозниот потенцијал на брендот „Винчини“, чии производи се присутни на повеќе од 55 странски пазари.

Оваа инвестиција е резултат на заеднички труд, посветеност и верба во иднината. Им благодарам на нашите вработени, кои се најголемата сила на Макпрогрес, како и на сите партнери и институции кои го поддржаа овој проект“, изјави генералниот директор на Макпрогрес, Глигор Цветанов.

Премиерот Мицкоски истакна дека компанијата претставува пример за успешен развој на домашен бизнис кој од семејна компанија прераснал во регионално препознатлив производител.

Со годишен промет од повеќе од 40 милиони евра, Макпрогрес претставува еден од носечките столбови на македонската кондиторска индустрија. Особено е значајно што околу 80% од производството е наменето за извоз, било преку брендот ‘Винчини’ или преку производство за приватни трговски марки. Владата ќе продолжи да ги поддржува компаниите кои инвестираат, извезуваат и создаваат нови работни места“, изјави Мицкоски.

Со почетокот на работата на новиот производствен капацитет веќе се отворени 40 нови работни места, а компанијата најавува и дополнителни вработувања во наредниот период. Според плановите, новата инвестиција ќе придонесе за зголемување на производството, извозот и конкурентноста на компанијата на меѓународните пазари.

Во рамки на посетата беше одржана и работна средба со менаџментот на Макпрогрес, на која беа презентирани деловните резултати, инвестициските планови и развојната стратегија на компанијата. На средбата беше разговарано и за предизвиците со кои се соочува македонската прехранбена индустрија, како и за можностите за натамошно зголемување на извозот и јакнење на конкурентноста на домашните производители.

Макпрогрес со години наназад е најголем извозник од прехранбената индустрија од Македонија, а според рангирањето на едицијата Топ 100 Извозници е 40-ти најголем извозник во државата.