Македонија официјално го започна проектот „Везилка“ – првиот Национален центар за вештачка интелигенција, кој треба да стане клучна инфраструктура за развој на иновации, истражувања и примена на вештачката интелигенција во земјата.

Проектот се реализира како партнерство меѓу Владата, Министерството за дигитална трансформација, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Европската Унија. „Везилка“ е избрана за финансирање преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, како дел од европската мрежа на AI Factory Antennas.

Според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, проектот претставува долгорочна инвестиција во знаење, технологии и човечки капитал, со цел Македонија да стане активен учесник во развојот на новите дигитални технологии.

Преку „Везилка“, македонските истражувачи, компании и институции ќе добијат пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на модели базирани на вештачка интелигенција.

Еден од клучните сегменти на проектот е развојот на македонски јазични модели, со што ќе се овозможи поголемо присуство на македонскиот јазик во идните генерации на системи за вештачка интелигенција.

Покрај истражувањата, центарот ќе поддржува развој на решенија за здравството, енергетиката, земјоделството и јавната администрација, како и обуки, трансфер на знаење и развој на кадри во областа на вештачката интелигенција.

„Везилка“ ќе биде поврзана со европската AI фабрика „Фарос“ во Грција и ќе стане дел од пошироката европска инфраструктура за вештачка интелигенција, отворајќи нови можности за домашните компании, стартапи и научноистражувачки институции.