Квалитетното и вкусно свежо овошје и зеленчук се меѓу најпрепознатливите македонски земјоделски производи, а овој сектор со години има значајна улога во развојот на домашното земјоделство и економија. Поволната клима, големиот број сончеви денови, плодното земјиште и долгата традиција во производството ѝ даваат на Македонија природна предност за производство на овошје и зеленчук со врвен квалитет и препознатлив вкус.

Но, во последните години секторот се соочува со сериозни предизвици. Недостигот на работна сила, растечките производствени трошоци, недоволните инвестиции во современи технологии, климатските промени и сè построгите барања на странските пазари доведоа до намалување на производството кај дел од овошните и градинарските култури. Како последица на ова, кај многу производи се забележува стагнација и пад на производството и на извозот.

Паралелно со овие предизвици, во секторот се случуваат и позитивни промени. Сè повеќе производители и извозници сфаќаат дека производството на свежо овошје и зеленчук одамна не е само традиционална земјоделска дејност, туку модерен и конкурентен бизнис што бара професионално управување, континуирани инвестиции, примена на нови технологии и почитување на највисоките стандарди за квалитет и безбедност на храната. Истовремено, расте свеста дека само преку заедничко дејствување може да се зајакне позицијата на Македонија како сигурен производител и извозник на квалитетно свежо овошје и зеленчук.

Во последните неколку години двигател на промените во овој сектор е Здружението на производители и извозници на свежо овошје и зеленчук “Макфреш, кое со својата посветена работа има амбиција и потенцијал да стане мотор на модернизацијата и развојот на  секторот. Здружението е силен партнер на институциите, но и платформа преку која компаниите ги усогласуваат своите интереси, разменуваат искуства и настапуваат со заеднички иницијативи на странските пазари.

Во “Макфреш” членуваат компании предводени од млади и амбициозни менаџери, најчесто втора генерација семејни претприемачи, кои го продолжуваат и го унапредуваат бизнисот што го започнале нивните родители. Тие континуирано инвестираат во знаење, современи технологии, нови производствени практики и исполнување на европските стандарди за квалитет, а нивните производи успешно се пласираат на странските пазари.
Препознавајќи ја потребата од заеднички настап, компаниите се здружија во „Макфреш“ за поефикасно да ги застапуваат интересите на секторот и да ја зајакнат конкурентноста на македонското свежо овошје и зеленчук.

Со заеднички настап до поголема конкурентност и извоз

Здружението „Макфреш“ е формирано во 2023 година со цел да ги обедини производителите и извозниците на свежо овошје и зеленчук, да ги зголеми квалитетот и конкурентноста на македонското овошје и зеленчук и да ја промовира Македонија како сигурен производител на квалитетни и безбедни земјоделски производи.

Макфреш е формиран со идеја да создаде заедничка платформа преку која македонските производители и извозници на свежо овошје и зеленчук полесно ќе ги застапуваат своите интереси и ќе настапуваат покоординирано, како дома, така и на странските пазари. Најголемата придобивка од заедничкото дејствување е размената на информации, искуства и добри практики, но и можноста за заеднички одговор на предизвиците со кои се соочува секторот. Кога настапуваме обединето, многу полесно ги комуницираме потребите на индустријата со институциите и покредибилно ги претставуваме интересите на македонските производители пред странските партнери“, вели Крсте Витанов, претседател на „Макфреш“ и менаџер на компанијата „Хортена“, една пд најголемите компании за производство и извоз на свежо овошје и зеленчук.

Според него, Здружението придонело за подобра координација меѓу компаниите и за подигнување на свеста за важноста на квалитетот, безбедноста на храната и почитувањето на меѓународните стандарди.

Денес најголем дел од компаниите членки работат според строги европски стандарди и успешно извезуваат на најпребирливите пазари“, додава Витанов.

Тоа го потврдува и Иван Шуклев од „Витториа Фрут“, која е межу најголемите производители и извозници на трпезно грозје во земјава.

Наместо секој да настапува самостојно, денес многу повеќе споделуваме искуства, предизвици и добри практики. Особено е значајно што преку „Макфреш“ заеднички настапуваме на меѓународни саеми, организираме стручни обуки и воспоставуваме контакти со големи европски трговски синџири и увозници. Тоа придонесува за поголема видливост на македонското овошје и зеленчук на странските пазари. Секако, останува уште многу работа. Нашата цел не е само да ги претставуваме компаниите, туку да бидеме двигател на модернизацијата на целиот сектор преку повисоки стандарди, професионализација и подобра организација на производството“, вели Шуклев.

Според Васил Шапкаров од компанијата Баџо“, една од најголемите компании извозници на овошје и зеленчук во Северна Македонија, „Макфреш“ ги обединува компаниите што работат професионално и ги исполнуваат строгите стандарди на европските пазари и супермаркети. Тој оценува дека членството во Здружението придонело за поинтензивна размена на знаења, искуства и информации, особено во областа на производството, настапот на странските пазари и други прашања од заеднички интерес.

Преку „Макфреш“, компаниите почнаа многу повеќе да разменуваат искуства и знаења за производството, пласманот на пазарите и други важни прашања. Нашата идеја е во иднина уште повеќе да се обединиме и да функционираме како еден вид кооператива или задруга. Така ќе можеме заеднички да набавуваме амбалажа и други производствени материјали по поповолни цени, да ги намалиме трошоците и да ја зголемиме конкурентноста на нашите производи“, вели Шапкаров.

Тој додава дека кај помладата генерација менаџери сè повеќе преовладува свеста дека компаниите можат да постигнат многу повеќе ако настапуваат заедно, наместо поединечно.

Кога настапуваме како Здружение, сме многу посилни. Ако секој работи самостојно, постои реален ризик во наредните години да изгубиме дел од пазарите“, предупредува Шапкаров.

Формирањето на „Макфреш“ беше поддржано од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), која придонесе за зајакнување на капацитетите на Здружението преку експертска поддршка во управувањето, како и преку обуки и менторски сесии за компаниите членки. Целта е да се зајакнат нивните капацитети за исполнување на барањата на меѓународните купувачи и да им се олесни пристапот до европските пазари.

Како една од најголемите придобивки од работењето на Здружението, речиси сите компании членки го издвојуваат заедничкиот настап на меѓународни саеми, воспоставувањето контакти со странски трговски синџири и промоцијата на македонските производи на странските пазари.

Заедничкиот настап на саемите придонесува за поголема видливост на македонското свежо овошје и зеленчук. Иако домашните производи се препознатливи по својот квалитет, тие сè уште не се доволно промовирани како национален бренд. Со заеднички маркетинг активности и организиран настап на странските пазари можеме значително да ја зголемиме нивната препознатливост и да го поттикнеме извозот“, вели Шапкаров.

Во таа насока, значајна е и поддршката што ИМЕ ја обезбедува за учеството на компаниите членки на „Макфреш“ на водечки меѓународни саеми, како што е Fruit Logistica, Fruit Atraction и на други специјализирани настани. Преку ангажирање меѓународни консултанти, програмата им помага на компаниите подобро да се подготват за настап, да ги промовираат своите производи, да пристапат до нови пазари и да воспостават контакти со потенцијални купувачи.

Дополнително, се организираат B2B-средби со странски партнери, што придонесува за поголема видливост на македонските производители и отворање нови извозни можности. Според компаниите, ваквата поддршка веќе придонела за воспоставување нови деловни партнерства и проширување на нивното присуство на странските пазари.

Квалитетот и стандардите – клуч за европските пазари

На денешниот глобален пазар, каде што купувачите бараат сигурни добавувачи, континуитет во испораките и висок квалитет, заедничкиот настап на компаниите претставува значајна конкурентска предност. Исполнувањето на меѓународните стандарди е клучен предуслов за пристап до најплатежните пазари, а преку обуки, едукација и размена на искуства, „Макфреш“ им помага на своите членки полесно да одговорат на овие барања.

Денес европските купувачи не бараат само добар производ, туку и сигурен партнер. Тоа подразбира континуитет во испораките, унифициран квалитет, целосна следливост на производството, усогласеност со дозволените нивоа на резидуи од средствата за заштита на растенијата, современо пакување и ефикасна логистика. Од искуството на „Витториа Фрут“ можам да кажам дека успехот на европските пазари не зависи само од квалитетното производство, туку и од тоа колку добро е организиран целиот процес – од бербата до полицата во супермаркетот“, вели Шуклев.

Тој оценува дека „Макфреш“ има важна улога во јакнењето на конкурентноста на домашните производители преку стручни обуки, воведување заеднички стандарди, поврзување со европски експерти и размена на знаења и добри практики меѓу компаниите.

Со ваков пристап компаниите полесно можат да одговорат на барањата на европските купувачи и да ја зацврстат својата позиција на меѓународните пазари“, додава Шуклев.

Во насока на подобрување на конкурентноста на секторот, со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и ИНОФЕИТ, беше имплементирана првата интегрирана дигитална платформа за следливост на свежото овошје и зеленчук.

Станува збор за современо дигитално решение што овозможува во реално време да се следат бербените и постбербените активности, продуктивноста на процесите и движењето на производите низ целиот синџир на производство и дистрибуција. Платформата автоматски генерира извештаи за квалитет и следливост што можат да им се достават на купувачите, обезбедувајќи поголема транспарентност и доверба во синџирот на снабдување.

Ваквите дигитални решенија не само што ја подобруваат ефикасноста на работењето на компаниите, туку значително ја зголемуваат и конкурентноста на македонските производи на најпребирливите европски пазари“, велат од „Макфреш“.

Дигиталната алатка им помага на компаниите полесно да одговорат на сè построгите барања на европските купувачи за целосна следливост, безбедност на храната и транспарентност – клучни предуслови за одржување и зголемување на извозот.

Предизвиците бараат заеднички одговор

Со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), „Макфреш“ ангажираше експерт за изработка на длабинска анализа на секторот за свежо овошје и зеленчук. Целта беше да се обезбедат релевантни податоци и препораки што ќе им помогнат на компаниите членки во креирањето стратегии за зголемување на извозот и замена на увозот.

Анализата укажува на загрижувачки трендови – намалување на производството и извозот кај повеќе земјоделски култури, при што падот е особено изразен кај овошјето.

Од „Макфреш“ велат дека овие бројки се одраз на сериозните предизвици со кои се соочува секторот.

Во последните години бележиме континуиран пад и на производството и на извозот на свежо овошје и зеленчук. Причините се повеќеслојни – недостиг на работна сила, климатски промени, зголемени производствени трошоци, недоволни инвестиции во современи технологии и инфраструктура, како и сè посилна конкуренција од земјите во регионот и пошироко“, вели Витанов.

Компаниите членки на „Макфреш“ како едни од најголемите предизвици во секторот ги посочуваат недостигот на квалификувана работна сила и ограничениот пристап до стручна поддршка и експертиза, неопходни за унапредување на производството и следење на современите трендови.

Компаниите во земјите што ни се директни конкуренти имаат силна поддршка од специјализирани институти и експерти, кои им обезбедуваат стручни совети и насоки за развој. Токму таква експертска поддршка е потребна и кај нас за да можеме да ја зголемиме продуктивноста и конкурентноста“, вели Шапкаров.

“Макфреш” со визија за модерен и конкурентен сектор

Компаниите членки на „Макфреш“ оценуваат дека конкурентноста на европските пазари бара поголеми инвестиции, модернизација и посилна соработка во секторот. Во тој процес, Здружението може да има важна улога преку обединување на компаниите, застапување на нивните интереси и заедничка промоција на македонското свежо овошје и зеленчук.

Потребни се отворање нови пазари, следење на европските регулативи и градење на Македонија како препознатлив и сигурен снабдувач со квалитетни свежи производи“, вели Витанов.

Членките сметаат дека е неопходна долгорочна национална стратегија насочена кон инвестиции во нови технологии, ефикасно наводнување, дигитализација, современи сорти и едукација на производителите. Посебен акцент треба да се стави и на создавање услови земјоделството да стане попрофитабилна и попривлечна дејност за младите.

Иван Шуклев ја нагласува потребата од реформа на системот на субвенционирање, при што државната поддршка треба да биде насочена кон земјоделците што професионално се занимаваат со земјоделство, произведуваат, инвестираат и извезуваат.

Паралелно со тоа, неопходно е да се поедностават административните процедури и да се поттикне воведувањето нови сорти што ги бараат пазарите, современи технологии и иновативни производствени практики. Без постојана модернизација на производството, тешко можеме да останеме конкурентни на европскиот пазар. Подеднакво важно е да се зајакне соработката меѓу производителите, научноистражувачките институции и државните органи. Само преку трансфер на знаење, примена на научните достигнувања и политики засновани на реалните потреби на секторот можеме да обезбедиме негов долгорочен развој“, вели Шуклев.

Според него, токму тука “Макфреш” може да одигра значајна улога.

Како здружение што ги обединува најголемите производители и извозници, можеме да бидеме конструктивен партнер на институциите во креирањето нов модел на субвенционирање, да иницираме законски измени, да организираме континуирана едукација на производителите и да го забрзаме воведувањето нови технологии и стандарди. Нашата цел не е само да укажуваме на проблемите, туку активно да придонесуваме за нивно решавање“, истакнува Шуклев.

Во „Макфреш“ веруваат дека со заеднички пристап, повисоки стандарди и координиран настап на странските пазари, Македонија може повторно да ги зголеми производството и извозот и да ја зацврсти својата позиција како препознатлив снабдувач на квалитетно свежо овошје и зеленчук.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Претставена AgroPath – нова дигитална алатка за следливост во извозот на овошје и зеленчук

Органското производство како извозна шанса: Со паметна поддршка, европски стандарди и сигурен пласман органското производство може да стане успешна македонска извозна приказна

Иван Шуклев: Интерес за македонското овошје и зеленчук постои, но потребен е поинаков пристап за да го произведеме она што европските пазари го бараат

ИНОФЕИТ ЕДИХ и Швајцарската Програма ИМЕ потпишаа Меморандум за соработка за дигитална трансформација на МСП

Fruit Attraction 2025: Македонските производители на овошје и зеленчук со здружен настап на глобалниот пазар