Европската челична индустрија се соочува со нов бран прекини и намалување на производството поради високите цени на електричната енергија и природниот гас. Големи производители во Германија, Полска и Италија привремено затвораат производствени погони или го ограничуваат нивното работење, бидејќи зголемените енергетски трошоци сериозно ја загрозуваат исплатливоста на производството.
Еден од најголемите светски производители на челик, ArcelorMittal, привремено го запре производството во погоните во Хамбург, Германија, и Варшава, Полска, додека производствените активности во Дуизбург и Сосновјец се ограничени. Според информациите што ги пренесува специјализираниот европски портал EUROMETAL, причината се високите цени на електричната енергија, кои значително ги зголемуваат трошоците за производство на челик.
Во Германија, цената на електричната енергија на 29 октомври достигнала 314,85 евра за мегават-час, што претставува сериозен предизвик за производителите што користат електрични печки. Во обид да ги надомести зголемените трошоци, ArcelorMittal настојува да ги зголеми продажните цени на одредени челични производи за околу 100 евра по тон, но се соочува со отпор од купувачите.
Италијанските челичарници најавуваат повеќедневни прекини
Слична е состојбата и во Италија, каде што неколку големи производители на челик најавија или веќе спроведоа привремени прекини во производството.
Компанијата Acciaierie Beltrame планира повеќедневни прекини во текот на ноември и декември, додека Pittini Group најави еднонеделно запирање на производството во фабриките Siderpotenza и Acciaierie di Verona.
Производителот Acciaierie Venete привремено го запре производството во погоните во Борго Валсугана и Сарецо, а ORI Martin го приспособува работењето според движењето на цените на електричната енергија, концентрирајќи дел од производствените активности во периодите кога струјата е поевтина.
Според објавените информации, цената на електричната енергија во Италија на 16 ноември достигнала околу 311 евра за мегават-час, што дополнително ја отежнува работата на енергетски интензивните производствени капацитети.
Европската челична индустрија под сè поголем притисок
Новите прекини се случуваат во период кога европската челична индустрија веќе подолго време се соочува со намалена побарувачка, силна конкуренција од увозот и високи трошоци за производство.
Според податоците на Европската асоцијација на производители на челик (EUROFER), производството на суров челик во Европската Унија во 2025 година се намалило на 125,8 милиони тони, што претставува пад од 2,9% во однос на претходната година и историски ниско ниво.
Дополнителен проблем е разликата во цените на енергијата меѓу Европа и нејзините глобални конкуренти. EUROFER предупредува дека европските производители се соочуваат со значително повисоки енергетски трошоци во споредба со производителите во САД, Кина и други големи индустриски економии.
Ваквите услови ја намалуваат конкурентноста на европскиот челик и ги доведуваат во прашање идните инвестиции во модернизација и декарбонизација на индустријата.
Прекините на производството во европските челичарници се предупредувачки сигнал и за македонската индустрија, особено за производителите и извозниците на железо, челик и метални производи, чиј главен пазар е Европската Унија.
Намаленото производство во ЕУ може да значат помалку нарачки, посилен притисок врз извозните цени и неизвесност за македонските компании вклучени во европските синџири на снабдување.
Дополнителен предизвик е европскиот механизам за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM), кој го поскапува македонскиот извоз на железо и челик во Европската Унија.
Според анализата на Finance Think, македонскиот извоз на производи опфатени со CBAM во 2025 година изнесувал околу 468 милиони евра, од кои најголемиот дел се однесува на железото и челикот.
Од јули 2026 година стапија на сила и новите трговски заштитни мерки на ЕУ кои ги намалија квотите за увоз од земји надвор од ЕУ и ги зголемија царините за извозот над тие намалени квоти, што директно ги погоди и македонските извозници.
ИзвозМК веќе пишуваше дека македонскиот извоз на железо и челик се намалува и во 2024 година тој бил на нанисоко ниво во последните седум години.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Европскиот пазар на челик под притисок поради увозните квоти и растечките трошоци
Трамп најави изградба на нова фабрика за челик во Ајова вредна 15 милијарди долари
Од 1 јули стапуваат на сила новите европски мерки за челикот: Голем удар за македонскиот извоз
Новите мерки на ЕУ за увоз на челик ќе го погодат извозот на македонската челична индустрија
Извозот на железо и челик од Македонија на најниско ниво во последните седум години



























