Европската комисија размислува да отвори истрага за увозот на одредени градежни материјали од неколку земји од Западен Балкан, поради сомневања дека преку нив се заобиколуваат антидампинг и антисубвенциските мерки што Европската Унија ги воведе за кинеските стаклени влакна.
Според Euronews, истрагата ќе биде насочена кон ткаенини со отворена мрежа, кои се користат во фасадни и топлинско-изолациски системи. Сомневањата се дека овие производи се произведуваат во балканските земји со употреба на евтини кинески стаклени влакна, кои веќе се предмет на дополнителни царини поради нефер цени и државни субвенции.
Случајот доаѓа во период кога Европската комисија го засилува притисокот врз кинескиот увоз, обидувајќи се да го намали растечкиот трговски дисбаланс со Кина и да спречи заобиколување на трговските мерки преку трети земји.
Според претставниците на европската индустрија за стаклени влакна, кинескиот производствен капацитет е повеќе од двојно поголем од вкупната побарувачка на пазарот на ЕУ, што дополнително го зголемува притисокот врз европските производители.
Во Брисел се разгледуваат и нови заштитни мерки, меѓу кои дополнителни царини и квоти, не само за секторот на градежни материјали, туку и за други индустрии изложени на силната конкуренција од Кина, вклучително и хемиската индустрија.
Европската комисија најавува дека ќе продолжи поактивно да ги користи инструментите за трговска одбрана, особено во случаи кога постојат сомневања дека преку трети земји се заобиколуваат мерките воведени за кинеските производи.





















