Бројот на работници во македонската индустрија продолжува да се намалува. Во јули 2026 година во индустријата имало 2,6% помалку работници во споредба со јули минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Намалување на вработеноста е регистрирано во сите три главни индустриски сектори.
Најголем пад има во секторот Рударство и вадење камен, каде бројот на работници е намален за 7,8% на годишно ниво. Во Преработувачката индустрија, која има најголемо учество во индустриското производство, бројот на работници е намален за 2,3%, додека во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пад од 0,9%.
Особено изразено е намалувањето на бројот на работници во производството на облека, каде во јули е регистриран пад од 11,6% во однос на истиот месец минатата година.
Намалување од по 2,4% има кај производството на хемикалии и хемиски производи и кај производството на машини и уреди. Бројот на работници е намален за по 2,2% и во производството на моторни возила и во производството на текстил.
Негативниот тренд е видлив и ако се анализираат првите седум месеци од годинава. Во периодот јануари–јули 2026 година бројот на работници во индустријата е намален за 2,8% во споредба со истиот период од 2025 година.

























