Индустриското производство во Македонија во јули 2026 година е зголемено за 1,3% во однос на јули минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Сепак, растот од почетокот на годината останува скромен – во периодот јануари–јули производството е зголемено за само 0,9%.
Позитивниот јулски резултат главно се должи на преработувачката индустрија, која учествува со околу 80% во вкупното индустриско производство и во јули бележи раст од 3,4% на годишно ниво.
Растот во преработувачката индустрија во јули главно се должи на зголеменото производсто на пијалоци од 14,1%, производството на тутунски производи од 47,7%, како и растот на производството на хемикалии и хемиски производи од 10,7% и на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати од 15,6%.
Од друга страна, дел од традиционалните индустриски гранки бележат значителен пад. Производството на облека е намалено за 16,7%, а на текстил за 14,4%. Пад има и кај мебелот за 8,2%, кожата и кожните производи за 7,6%, металите за 7,2%, фабрикуваните метални производи за 6,3% и прехранбените производи за 3,9%.
Негативни движења во јули има и во другите два главни индустриски сектори. Во рударството и вадењето камен производството е намалено за 5,9%, додека кај снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација падот достигнува 19,5% во однос на јули 2025 година.
Гледано за првите седум месеци од 2026 година, индустриското производство во земјава е зголемено за само 0,9%.
Во периодот јануари–јули, преработувачката индустрија бележи раст од 1,7%, додека рударството и вадењето камен има пад од 3,4%, а снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е намалено за 4,1%.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Раст од 6,5% на индустриското производство во јуни, кои сектори го предводат растот?
Индустриското производство со пад од 2% во мај – кризата во европската автомобилска индустрија сè посилно се чувствува и во Македонија
По два месеци пад, индустриското производство со раст од 3% во март

























