“Македонија е првата земја од Европа што одржува Стратешки дијалог на вакво ниво со актуелната администрација на Соединетите Американски Држави (САД)”, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за очекувањата од денешната посета на македонската делегација во Вашингтон, која ќе учествува на втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу С.Македонија и САД.
“Темите што ќе бидат опфатени се дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, билатералната соработка, енергетиката, како и инфраструктурата која ја градиме и во која силно инвестираме. Посебен фокус е ставен и на соработката во одбранбената индустрија. Тоа се неколку области во кои очекуваме да се постигне голем напредок“, рече Мицкоски.
Според него, една од најзначајните вести од овој дијалог, е промоцијата на големата инвестиција во рударскиот сектор во Македонија.
„Истовремено ќе се промовира и една инвестиција во знаечаен производен објект, а тоа е рудата антимон, која ќе се експлоатира во близина на кривопаланечкото село Луке. Редок минерал, кој за нашата економија може да значи многу. Истражувањата на терен се при крај и наскоро очекува да почнат ископувањата на рудата. Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома. Со тоа се добива еден заокружен циклус. Ова е нешто што е многу важно за македонската економија и за нас како граѓани“, изјави премиерот.
Според него, економската придобивка од оваа инвестиција ќе биде огромна бидејќи целото производство ќе биде наменето за американскиот пазар.
Антимонот станува стратешка суровина со големо економско, воено и геостратешко значење
Според најавите на премиерот Мицкоски, во склоп на американската инвестиција би се ископувал антимон во селото Луке, во кривопаланечкиот регион. Станува збор за рудникот Крстов Дол, каде што во 60-тите и 70-тите години од минатиот век се копало и преработувало антимон. Рудникот и флотација „Крстов Дол“ се наоѓаат на околу 20 километри оддалеченост од Крива Паланка. Во флотацијата Крстов Дол е преработувана руда на антимон. Покрај ова е преработувана и молибденова руда донесена од Турција и извесна количина на руда на антимон од рудното лежиште „Алшар“. Рудникот е затворен повеќе од половина век.

Според јавно достапните податоци, рестартирањето на рудникот Крстов Дол е првиот проект за антимон регистриран во
рамки на Партнерството за безбедност на минерали (The Minerals Security Partnership – MSP), иницијатива предводена од САД, во која учествуваат 14 земји плус ЕУ (вклучувајќи ги Канада, Јапонија, Велика Британија, Јужна Кореја), основана во 2022 година за обезбедување, диверзификација и развој на синџири за снабдување со критични минерали, како што се литиум, кобалт и ретки земјени елементи.
Засега зад проектот стои австралиската компанија Pela Global Ltd (PELA), која има концесија за ископување во Крстов дол и чиј проект бил прифатен во Партнерството за безбедност на минерали во 2025 година. На сајтот на Pela стои дека рудникот Крстов дол ” има потенцијал да се рангира меѓу најголемите операции за рударство на антимон во светот”. Компанијата исто така поседува и концесија за проектот Самар Голд, за ископување на повеќе метали како злато, сребро, олово, цинк.., исто во Луке, кривопаланечко.
Антимонот е металоид кој се добива од рудата стибнит и во последниве години добива сè поголемо значење поради неговата економска, воена и геополитичка важност. Поради тоа е класифициран како критична суровина од големите економии како ЕУ, САД и Кина. Неговата примена во производството на средства за забавување на пламенот и огноотпорни материјали, оловни батерии, легури и одбранбени технологии ја поткрепува стабилната побарувачка. Се користи во воената индустрија за производство на муниција, инфрацрвени ракети, нуклеарно оружје. Побарувачката за антимон расте и поради неговата зголемена употреба во енергетиката и електрониката. Брзата експанзија на фотоволтаичната (PV) индустрија се наметна како клучен долгорочен двигател на потрошувачката. Овој минерал е од витално значење и за транзицијата кон електрични возила.
Поради неговото растечко значење, антимонот често се нарекува и „злато на новото време“.
Цените на антимонот, кој стана една од најважните суровини во светот, почнаа да растат во 2023 година, откако Кина – најголемиот производител на антимон – го ограничи извозот за да ја зајакне националната безбедност. Во 2024 година цените продолжија да растат и „скокнаа“ за речиси 300%, достигнувајќи историски максимум од 59.750 долари за тон во јули 2025 година. Исклучително високите цени привлекоа неколку нови топилници на пазарот, што ја олесни понудата на антимон и ја стабилизира цената, но таа и понатаму останува далеку над нивото од 2023 година.
Ескалацијата на трговската војна меѓу САД и Кина резултираше со забрана од страна на кинеските власти за извоз на антимон во САД, како и на други ретки метали – галиум, германиум и други клучни високотехнолошки материјали со потенцијална воена и технолошка примена.

Кина е најголемиот светски производител на антимон, со околу 60% од глобалното производство. Покрај Кина, значајни производители на антимон се и Таџикистан, Русија, Боливија и Мјанмар.
Антимонот носи корист, но и ризици
Сè уште не е познато во колкави количини Македонија располага со овој баран метал, а експертите треба да одговорат на прашањето дали антимонот би можел да претставува добра можност за развој на земјата или, пак, проклетство. Бидејќи, заедно со користа и придобивките, постојат и ризици и одговорност кон животната средина.
Повеќе истражувања укажуваат дека рудниците на антимон можат да носат висок еколошки ризик – како за природата, така и за здравјето на луѓето. Ископувањето, а особено несоодветното ракување со ископните отпадоци, кои вообичаено содржат и арсен, може сериозно да ги загадат подземните води, реките и почвата, како и да го нарушат здравјето на луѓето и локалните еко-системи во случај на подолготрајна изложеност на токсичната прашина и честички. За тие ризици да се минимизираат е важно управувањето со ваков тип на рудници да биде строго регулирано, транспарентно и базирано на највисоки еколошки стандарди, со примена на современи технологии за третман на води, безбедно складирање на јаловиштето и континуиран мониторинг на животната средина.
Во САД, ЕУ, па и во светот владее голема загриженост за критичните суровини и ретките метали, заради големата ранливост и прекини во синџирите на снабдување. Заради нивното големо значење во идната транзицијата, дури се верува дека критичните метали ќе бидат тие кои што ќе одредат кој ќе го добие статусот на светска суперсила и глобална доминација во светот.



























