Интервју со претседателот на СКСМ во Економија и Бизнис

Во интервјуто, претседателот Азески праќа повеќе пораки за економската функционалност на државата од аспект на бизнисот:

  • Ние постоиме за фирмите, за членките на Стопанската комора. Тие имаат потреби, ние ги следиме, се прилагодуваме на новите текови на работење и излагаме во пресрет, бизнисот да ја врши својата функција. Ако не го следиш трендот, излегуваш од игра. Тоа не е ново правило. Живееме во 21 век, во ера на дигитализација, на вештачка интелигенција, тоа ги влече процесите да се движат со многу голема брзина. А тоа е истата патека по која чекори и бизнисот. Не случајно добиваме меѓународни награди во континуитет.
  • Нашата визија е да имаме што поголем број конкурентни членки кои што ќе работат глобално. Комората работи во таа насока и со цел нејзините членки да направат поголем профит. Ние како организација сме природен партнер на јавниот сектор и единствено во партнерство може да ја постигнеме заедничката цел – економски просперитет. Коморите во секоја развиена демократија секогаш биле значаен фактор во државата. Според многумина аналитичари, местото на коморите е веднаш до најрепрезентативните државни институции – Парламентот и Владата.
  • Македонската извозна политика треба да се насочи од класично субвенционирање на производството кон активна и системска поддршка на компаниите во освојувањето странски пазари, зголемувањето на конкурентноста и создавањето поголема домашна додадена вредност. Фокусот не треба да биде само на тоа колку извезуваме, туку и што извезуваме, на кои пазари и колкава економска вредност останува во Македонија.
  • Бараме нов закон за јавни набавки каде домашните компании ќе имаат предност, најмодерен систем на статистичка евиденција како основа за градење економските политики, смалување на готовината во промет, електронска фактура итн. 
  • Секој од креаторите на економските политики да се држи до своите надлежности, да партиципира максимално додека се остварат темелните вредности, кои во себе содржи компромис на енергија која на Балканот е и тоа како потребна, затоа што поделбите кај нас се по сите основи. Јас верувам дека идните генерации, ќе ги надминат сите тие поделби, и ќе изградат држава во која сите ние ќе живееме подобро, граѓаните со поголем стандард, бизнисот со поголем профит.  
  • Многу бура се крена околу бројот на неработни денови. Државата ни врие по медиумите од невистини, полувистини и шпекулации. Ние за прв пат подготвивме законско решение со еминентни експерти, компаративни анализи по европските методологии и анкети по компании и јасно кажавме дека е ова едно од можните решенија. Но, наместо јавна дебата, темелна расправа за прашање кое нас не засега, добивме плукања, говор на омраза и лични квалификации. Тоа го одразува степенот на демократска зрелост. Ние нема да запреме, ќе продолжиме високо професионално да работиме на приближување до западните вредности. И нема да ќутиме и ќе продолжиме да изразуваме ставови по сите прашања, но аргументирано, професионално и човечки.
  • Јас цел живот создавам кадар. Често во јавноста кажувам дека нема успех на ниедно поле, ако нема јасно поставена цел, потребен кадар но и пари. Без тоа нема бизнис. Кадарот на Стопанската комора на Македонија е гарант на нејзиното постоење, иднина а не ѕидовите на зградата на Димитрије Чуповски бр. 13.

Целото интервју ќе може да се проследи во печатеното издание на магазинот Економија и Бизнис и на линкот https://ekonomijaibiznis.mk/nov-broj-ekonomija-i-biznis-15-oktomvri-2026g/