Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се обрати на настанот посветен на Регионалниот економски преглед за Европа (EUR Regional Economic Outlook Dinner), во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Во фокусот на неговото излагање беа економските предизвици во услови на глобална неизвесност, но и можностите за забрзување на растот и побрза економска конвергенција на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.

Славески истакна дека регионот се соочува со потреба од промена на моделот на економски раст – од модел заснован главно врз евтина работна сила и акумулација на капитал кон модел што се темели врз повисока продуктивност, поквалитетни инвестиции, технологии, знаења и производи со повисока додадена вредност. „Забрзувањето на економската конвергенција не може да се потпира само врз капиталот и зголемувањето на вработеноста, туку бара сеопфатен реформски план насочен кон повисока продуктивност. Тој треба да опфати посилни институции и владеење на правото, подобро деловно опкружување, реформи на пазарот на трудот, развој на човечкиот капитал, како и поттикнување на иновациите, истражувањето и развојот и дигитализацијата“, рече Славески.

Гувернерот посочи дека зголемувањето на продуктивноста е клучниот предуслов за побрз и одржлив економски раст и за реално приближување кон животниот стандард во Европската Унија. Продуктивноста во Западен Балкан е околу половина од нивото во ЕУ, а нејзиниот раст и натаму е релативно слаб. Значителен потенцијал постои преку дигитализацијата, иновациите, примената на новите технологии и посилното поврзување на компаниите со образованието и истражувачката дејност.

Како важен двигател на продуктивноста и растот, Славески ги посочи квалитетот и структурата на инвестициите. Иако регионот привлекува значителни странски директни инвестиции, потребно е нивното поголемо насочување кон попродуктивни активности, поголемо учество на домашните компании во глобалните синџири на вредност и зголемување на додадената вредност на извозот.

Во овој контекст, тој го истакна и значењето на човечкиот капитал. Демографските притисоци, иселувањето и недостигот од соодветни вештини го ограничуваат потенцијалот за раст, додека ниската активност на жените на пазарот на трудот, невработеноста кај младите и неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на вештини оставаат значителен неискористен потенцијал.

„Подлабоката интеграција со европскиот пазар може да им овозможи на компаниите да го прошират работењето, да ја зголемат специјализацијата, да привлечат инвестиции и да се вклучат во посложени синџири на вредност. Планот за раст на ЕУ и постепената интеграција во единствениот пазар можат да бидат важни двигатели на овој процес“, истакна Славески.

Осврнувајќи се на предизвиците за монетарната политика, гувернерот истакна дека Народната банка во услови на енергетски шокови и инфлациски притисоци примени сеопфатен пристап, преку монетарни, макропрудентни мерки и мерки во доменот на задолжителната резерва. Овие мерки придонесоа за стабилизирање на девизниот пазар и намалување на инфлацијата, која во моментот изнесува 2,6%. Сепак, глобалната неизвесност и можните дополнителни притисоци бараат претпазливост и одлучување засновано врз податоци и анализи.

На потребата на нов економски модел за Македонија неодамна посочи и Светската банка, за што ИзвозМК пишуваше подетално за промоцијата на Извештајот во кој беа посочени политиките и насоките кои би можеле да донесат поголема продуктивност, поголем извоз со поголема додадена вредност и повисок економски раст.



ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:


https://izvoz.mk/makedonija-17-godini-zaglavena-vo-grupata-zemji-so-sredno-visok-dohod-pogolemata-produktivnost-e-kluchna-za-povisok-ekonomski-rast-i-podobri-rabotni-mesta/