Германските компании ги зголемиле инвестициите во Кина за една третина во првата половина на 2026 година, истовремено драстично намалувајќи ги вложувањата во САД, се наведува во студијата на Германскиот економски институт (IW), пишува Ројтерс.
Врз основа на анализата на податоците од Бундесбанк спроведена од IW, германските фирми во првата половина од 2026 инвестирале 5,6 милијарди евра (6,50 милијарди долари) повеќе во Кина отколку во истиот период претходната година. Оваа бројка е во согласност со просечното ниво на полугодишни инвестиции во периодот меѓу 2020 и 2025 година.
„Германските компании немаат многу избор освен да продолжат да инвестираат во Кина“, изјави Јирген Матес од IW, опишувајќи ја земјата и како важен пазар за продажба и како „теретана“ каде што компаниите можат да ја зајакнат својата конкурентска способност.
Матес истакна дека државните субвенции и потценетиот јуан го прават производството во Кина вештачки евтино, што ги поттикнува германските компании да се шират на локално ниво за да можат да им конкурираат на кинеските ривали на глобално ниво.
„За Германија, тоа значи дека производството и работните места се префрлаат во Кина“, рече Матес. „ЕУ треба да стави крај на оваа нефер игра и да воведе компензаторни царини за кинескиот увоз.“
Инвестициите во САД се намалија за речиси две третини, на околу 4,3 милијарди евра, се вели во студијата, како последица на трговските тензии и царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.
Според податоците објавени од германскиот Сојузен завод за статистика, Кина е најважниот трговски партнер на Германија во првата половина од годината.
Зошто германските фирми инвестираат во Кина?
Силните страни на Кина во индустриските и синџирите на снабдување, како и нејзиниот фонд на квалификувани кадри, исто така ги поттикнаа германските компании да ги зголемат инвестициите.
Истражувањето за деловната доверба за периодот 2025-2026 година, објавено од Германската стопанска комора во Кина, покажува дека над 90 % од германските компании експлицитно изјавиле оти немаат планови да ја напуштат Кина во наредните две години.
Една третина од компаниите наведоа дека иновациите и подобрувањата во ефикасноста, создадени од нивните кинески тимови, сега се пренесуваат назад кон нивните германски седишта.
Оливер Омс, извршен директор и член на управниот одбор на Германската стопанска комора во Кина (Северна Кина), изјави дека нешто повеќе од половината од компаниите-членки планираат дополнително да ја продлабочат соработката со кинеските партнери. Како една од најсилните причини ја наведуваат засилената локализација низ целиот синџир на вредност.
Што значи овој тренд за македонските извозници?
Зголемените инвестицици и поголемото присуство на германските компании во Кина може да влијае и врз македонската економија. Поголем е ризикот за домашните компании што се добавувачи на германската автомобилска, машинска и електроиндустрија. Ако германските производители префрлаат поголем дел од производството и набавките во Кина, дел од нарачките што сега ги добиваат добавувачите од Македонија и другите европски земји би можеле постепено да се префрлаат кај азиските производители.
Но, овој тренд може да донесе и нови можности. Германските компании и натаму имаат потреба од сигурни и географски блиски добавувачи за европските производствени капацитети, особено во услови на геополитички ризици и можни трговски бариери меѓу ЕУ и Кина. Тука македонските компании можат да се позиционираат како дел од стратегијата за диверзификација на синџирите на снабдување. Особено со преземање на помали и специјализирани серии за европскиот пазар, за кои производството во далечни локации е помалку исплатливо.
Но, македонските компании што располагаат со знаење, конкурентни компоненти и услуги би можеле да настојуваат да останат дел од синџирот на германските компании и кога производството се локализира во Кина, наместо да бидат врзани само за нивните фабрики во Германија.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Секоја трета германска средна компанија планира да премести дел од производството во странство
Кина го уништува последното упориште на германската индустрија






















