Претставници на здруженијата на превозници на товар во меѓународниот патен транспорт од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија на 26 јануари ќе ги блокираат граничните премини со околните земји од Шенгенскиот договор во знак на протест против новите европски правила за ограничување на времетраењето на престојот на професионалните возачи во земјите од таа област на максимум 90 дена во период од шест месеци.
Здруженијата најавија дека протестот ќе продолжи сè додека проблемот не се реши.
Целта на протестот, како што рекоа на прес-конференцијата, е да се посочат долгорочните последици што ќе почнат да ги трпат економиите не само на земјите што не се вклучени во договорот, туку и на земјите од ЕУ што се потписнички на договорот кога новото правило за влез/излез (EES) 90/180, кое беше воведено на почетокот на октомври 2025 година, ќе почне строго да се применува од 10 април оваа година.
“Македонските превозници во целост ја поддржуваат иницијативата за одржување на протест на 26 јануари 2026 година, како координирана активност за праќање порака на Европската комисија и администрација, но и до нарачателите на превоз, дека професионалните возачи не се илегални мигранти, терористи или илегални работници и дека нивното апсење, депортација или ограничување на работењето е директен удар на транспортните компании, но и на екомиите во целост, кои се потпираат на домапните транспортни капацитети”, вели Биљана Муратовска од Асоцијацијата на превозници, Макам-Транс.
Според Муратовска, македонските превозници се максимално дискриминирани од новите правила 90/180 за ограничување на престојот на професионални возачи на 90 дена во период од шест месеци во земјите членки на Шенген зоната, со кои им се ограничуваат правата на слободно движење и извршување на работните активности како професионаци кои се вработени во своите матични.
“Го прифаќаме простестот со цел да укажеме на долгорочните последици кои ќе влијаат врз секојдневното функционирање на економиите од Западен Балкан и на нивните жители, но кои последици, со пореметувањата на синџирите на снабдување, ќе се почуствуваат и во земјите од Шенген зоната и кај странските инвеститори во сите четири земји”, велат од Макам-Транс.
Кои земји се погодени со новите правила?
Шенген зоната опфаќа 29 европски земји кои меѓусебе имаат отворени граници, односно немаат гранични контроли на меѓусебните граници.
Во оваа зона влегуваат сите европски земји, освен Кипар и Ирска, плус Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Швајцарија, Монако, Сан Марино и Ватикан.
Оттука најпогодени ќе бидат земјите од Западен Балкан, Молдова, Турција…

Професионалните возачи мора да бидат изземени од правилата за влези и престој во Шенген зоната
Неѓо Мандиќ од Здружението на транспортери на Србија изјави дека „последиците од новите правила сè уште не ескалирале, но ќе бидат катастрофални за економијата и населението, кога ќе истече пробниот период на 10 април и ќе започне доследна примена“.
„Со години чекаме на последиците од приближувањето на Шенген зоната кон нашите граници. Кога започна примената на нормите на ЕЕС, започнаа почести контроли, но оние што ги предупредивме за последиците не мрднаа со прст, тие одговорија на нашите писма дека немаат проблем со транспортот“, рече Мандиќ.
Тој додаде дека повеќето големи компании имаат матични компании во ЕУ и дека здруженијата на транспортери се сигурни дека имаат можност да ги заштитат своите интереси пред Европската комисија (ЕК).
Тој потсети дека Шенгенскиот договор за слободно движење на стоки и капитал е потпишан во 1985 година и дека бројот на земји се зголемил од пет на 29 и „договорот стигнал до границите на земјите на Балканот“.
„Идејата за олеснување на движењето на стоки и капитал преку Шенгенскиот договор стана спротивна на самата себе и сега ја отежнува работата на транспортните компании бидејќи ги изедначува професионалните возачи со сите други патници и должината на нивниот престој во тие земји“, рече Мандиќ.
Тој истакна дека „дојде време да се дополни Шенгенскиот договор“ и „транспортните компании предлагаат ЕК и експертите да најдат решение до крајот на март оваа година, а дотогаш професионалните возачи да се третираат како прекугранични работници кои не подлежат на евиденција и норми на EES“.
Тој додаде дека според новото правило, професионалните возачи можат ефикасно да користат десет дена месечно од 90-те дозволени дена престој во земјите од Шенген зоната, бидејќи секој излез и една минута по 12 часот се третира како цел ден.
Дополнително, како што рече, возачите мора да ги почитуваат периодите за одмор додека возат, а тие губат време чекајќи на границите, за да можат ефикасно да работат само десет дена во месецот.
Тој предупреди дека доколку е невозможно компаниите од земјите надвор од Шенгенскиот договор да возат во овие земји, нивните компании нема да доаѓаат на Балканот поради метежот на границите, а цената на транспортот би била поголема.
„Нашите возачи не се мигранти, ниту терористи, затоа бараме оние кои имаат правилна документација – пасош, возило и документи за стока да можат да влезат во земјите од Шенгенскиот договор и да не им биде ограничено правото на работа“, рече Мандиќ, додавајќи дека имаат поддршка од транспортните компании во Турција.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
Новиот систем за влез во ЕУ — закана за македонските камионски превозници, но и товар за извозниците.



























